Маврово одбројува… Од стартот на второто издание на Еко Грин Фестивалот не делат само неколку часа. Веќе се е подготвено! Најголемата бина, што некогаш била поставена кај нас на планина, е подготвена за стартот на овогодинешното фестивалско издание и првите изведувачи, кампот е поставен и е во исчекување на првите кампери, секој момент во прекрасното Маврово треба да пристигне и ѕвездата на првата фестивалска вечер, феноменалниот Бајага кој доаѓа заедно со своите Инструктори.
Музичкиот дел, се разбира, пред на бината да застанат ѕвездите на вечерта ќе стартува со настапите на неколку локални бендови, музичари и културно уметнички друштва од Маврово и Ростуше. Веќе во 21 часот ќе свират членовите на Ареа, а публиката ќе ја загрее План Г. Шлаг на вечерта ќе бидат мегапопуларните Бајага и Инструктори. Првата фестивалска вечер ќе заврши со настапот на диџеј Зомакс. Веќе утревечер, сабота, присутните за почеток ќе уживаат во сетовите на диџеите од Антена радио, а потоа забавата ќе продолжи со Грамофонџије, Бед копи и Гоце Саф.
Освен во одличната музичка програма присутните во Маврово ќе имаат можност да уживаат и да ги вкусат и традиционално приготвенити пити и млечни производи од Mавровско- Реканскиот крај, потоа да заминат групно планинарење на турата Маврово-Чавкарник-Маврово. Закажани се и натпревари во лов на ситна риба на пливка на Мавровското Eзеро кај потопената црква, потоа натпревари во влечење јаже, фрлање камен, брзо пилање и сечење дрва… Ќе има натпревари и за најмладите, односно дечињата под 7 години ќе ги покажат своите вештини во возење велосипед и други слични интересни активности и натпревари.
Во текот на утрешниот ден се закажани и настапи на свирачи на зурли и тапани, потоа на гајдаџии и кавалџии, а за сите гурмани од 16 часот е закажана дегустација на традиционално приготвенити качамак и млечни производи од Mавровско – Реканскиот крај.
Како и изминатата година, традицијата продолжува, што значи дека во неделното утро се организира заедничко чистење на локацијата и околината од отпадоци и смет. Исто така, во недела е закажана и планинарската тура Никифорово-Сандакташ-Никифорово, како и кружната ревијална велосипедска тура околу Мавровското Езеро со чистење на брегот на Мавровското Езеро.
Влезот на фестивалските вечери е бесплатен, а истото важи и за камп-зоната, која годинава ќе биде позиционирана на тревникот пред скијачките терени.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.