Следната недела ќе почне уредување на вкупно 600 метри плажи на Преспанското Езеро. Ќе бидат опфатени плажите во населбите Сливница и Стење.
Како што информираат од Министерството за транспорт и врски, проектите за уредување опфаќаат содржини кои се во согласност со највисоките туристички стандарди, со цел овие плажи да бидат атрактивни локации во текот на туристичката сезона.
Предвидено е во рок од четири месеци да биде завршено уредувањето на плажите, со што ќе бидат подготвени за пречек на првите туристи во текот на следната туристичка сезона.
Теренот на кој ќе бидат уредувани плажите ќе биде нивелиран со песок, а функционално планираниот простор за плажа е решен како единствена целина со содржини од услужен карактер, а за таа цел на плажата се предвидуваат шанкови со кабина за музика, санитарен јазол, простор за чување и користење урбана опрема како што се лежалки, чадори, соблекувални, чешми и тушеви, игралишта за деца, игралишта за одбојка, мал фудбал и тенис, простор за спасувач, часовник, безжичен интернет, информативно пано, платформа за сончање над езерската површина, како и платформа за пловни објекти и издавање педалинки.
Плажите ќе бидат лесно пристапни за лица од сите возрасти, како и инвалидизирани лица, без скали и висински разлики на различно обработените соодветно функционално наменети површини.
За попријатен престој на плажата, предвиден е и посебно партерно уреден простор, со ниско и високо зеленило, клупи, фонтани, корпи за отпадоци и друга урбана опрема.
Во Езерото ќе бидат поставени пластични бови како ограничување на делот безбеден за пливачите, на 50 метри растојание од брегот.
Од Министерството наведуваат дека особено внимание ќе се посвети на тоа да не биде нарушен еко-интегритетот на околината, односно флората и фауната во непосредната близина на плажите.
Во меѓувреме објавен е и конкурс за избор на идејно решение за уредување на 500 метри плажа на дел од Охридско Езеро во општина Дебарца. Рокот за поднесување на идејните решенија е 15 август 2014 година до 11 часот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Ја знаете ли легендата за преубавата Преспа и настанокот на Преспанското Езеро?
-
Тешки времиња за угостителите на плажите: МПЦ ги покачува кириите за земјата и објектите покрај плажите
-
Катаклизма на јадранските плажи-градот кршел стакла на возила, плажите затрупани како во зима!
-
Пред почетокот на туристичката сезона: Нова пешачко-рекреативна патека околу Преспанско Езеро (фото)