Културно-информативниот центар на Република Македонија во Софија, синоќа беше организатор и домаќин на два културни настани кои се реализираа во рамките на Програмата за поддршка на проекти од национален интерес на Министерството за култура.
Програмата започна со откривање на ретроспективната ликовна изложба посветена на 50-годишниот јубилеј на Меѓународната ликовна колонија во Струмица, на која низ 30 ликовни дела беше направен пресек на најзначајните остварувања на една од најстарите и најпознати ликовни колонии кај нас.
Изложбата на која беа презентирани дела од еминентни македонски автори како Мартиноски, Перчинков, Кондовски, Пандилов, Наумовски, Темкова, ја отворија директорот на КИЦ на Република Македонија во Софија, Васко Шутаров и директорот на Центарот за култура “Антон Панов”, Иван Јовев.
Струмичката ликовна колонија досега била домаќин на повеќе од 1.200 светски автори, а поседува богат ликовен фонд кој содржи преку 2.500 дела, меѓу кои и значајни дела од класиците на македонското ликовно творештво.
Во вториот дел од програмата, со долги аплаузи и неколку биса беше награден настапот на триото хармоники „АКОРДИОМ“, во кое членуваат Зорица Кукутановска, Бојан Волчевски и Филип Стамевски. На својот прв концерт во македонскиот културен Центар во Софија, триото се претстави со програма од Бах, Вивалди, Моцарт, Пјацола, Галијано, Дербенко, како и македонската композиторка Елизабета Илиевска-Бете, чие дело „Македонските парафрази“ наиде на особен прием кај публиката.
Тие се чести гости на престижните европски музички фестивали и повеќекратни лауреати на “Акордеон Арт Фестивалот” во Италија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.