Кино публиката ќе има можност да ја доживее интимната и романтична атмосфера, која омилениот светски тенор ја направи за публиката на еден од најубавите плоштади на светот, Пјацета во Портофино.
На 8-ми март во киното „Синеплекс“ со почеток во 20.30 часот ќе биде прикажан концертниот филм „Андрес Бочели: Љубов во Портофино“. На овој концерт, снимен во август минатата година, во продукција на наградуваниот продуцент Дејвид Фостер, Андреа Бочели ги отпеа најубавите љубовни песни, следен од оркестар од 40 членови. Гости на вечерта беа германската ѕвезда Хелен Фишер, бразилската пејачка и текстописец Сенди, неговата вереничка Вероника Берти, како и виолинистката Керолајн Кембер и трубачот Крис Боти.
Кино доживувањето вклучува и ексклузивно интервју со Бочели, во кое гледачите можат да го слушнат неговото размислување за љубовта и романсата.
-Настап на најчудесниот тенор во таква интимна атмосфера на залезот на сонцето во Портофино е нешто што не смее да се пропушти. Кино доживувањето и овозможува единствено задоволство на широката публика, прилика да уживаат во најромантичните песни кои ги изведува најдобриот светски уметник, Андреа Бочели. Ова е прилика и да се слушне неговото размислување за љубовта и романсата во специјалното интервју, вели Филипо Шугар, претставник на италијанската куќа Sugar Music, за овој концертен филм.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



