| четврток, 6 декември 2018 |

Насер, кого браниш?

nenad mircevski2

Ненад Мирчевски

Неколку дена претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, од петни жили се обидува да докаже дека еден од приведените во насилните протести бил новинар и при тоа противзаконски тепан и приведен. Доказот дека бил новинар била изјавата од уредникот и сопственик на весникот каде што работел, а доказот дека противзаконски бил тепан и приведен е врз основа на изјавата на новинарот (иако приведениот кој заработи кривична пријава за нарушување на јавен ред и мир во присуство на адвокат не приложил никаква забелешка на полицискиот записник).

Исто толку денови се обидував да ги разберам неговите аргументи, но откако не успеав, се надевав дека Селмани ќе ја спушти топката и ќе ги смири страстите. Сепак, од ден на ден добивам впечаток дека тој не само што нема цел да ги заштити ниту момчето ниту колегите, туку упорно продолжува да ги прави наивни јавноста и фелата ставајќи се во одбрана на некои структури кои сигурно не ѝ посакуваат добро на државата.

Зошто го имам тоа чувство?

Новинарската фела во Македонија е мала и ако не сите, тогаш речиси сите се познаваат или барем слушнале еден за друг. Да не зборувам за ситуацијата во албанските медиуми, кои секако се помалобројни и со помалку новинари, кои пак уште подобро се познаваат меѓу себе. Оттука го прашувам првиот човек на Здружението, како дури ни тој не само што не го познавал приведениот туку не ни чул за него? Како толку лесно поверувал во зборовите на сопственикот на весникот, а при тоа не му се наметнале цела низа прашања со кои би ја расчистил сликата за статусот на момчето во медиумот? Ако така се станувало новинар, утре секој што учествувал во насилства ќе може да го тврди истото. Можеби и осудените во „Монструм“ со нечија изјава ќе станат новинари.

Звучи неверојатно за искусен новинар и прв човек на Здружението на новинари да брани вакви тези, но ќе го прифатиме тој минимален процент на веројатност дека ете баш така се случило како што ни раскажува тој.

Сепак, за и ние да го разбереме целосно случајот јавно го прашувам:

Ако Селмани не го познавал новинарот, дали го познава Статутот на ЗНМ во кој е наведено кој сѐ може да стане член на Здружението и кои услови е потребно да ги исполнува:

Член 12

Редовен член може да биде новинар кој најмалку една година се занимава со новинарство. 

Ако за Селмани доволен доказ дека некој е новинар само изјава од сопственик на медиум или уредник тогаш како прво, зошто тоа не го вметне во Статутот на ЗНМ како услов за членство во здружението? Новиот член би гласел: Редовен член може да биде новинар за кого уредникот или сопственикот на медиумот ќе дадат изјава дека е новинар.

И второ, зошто наместо изјава од уредник, како услов се бара новинарот најмалку една година да се занимава со новинарство? Дали со ваквиот член во статутот, ЗНМ ги дискриминира колегите кои работат помалку од една година како новинари, меѓу кои се и оние што имаат два-три текста со свој потпис?

Иако е тешко да се проголта приказната која ја сервира Селмани, во знак на колегијалност, ќе оставам простор и за оној минималниот процент на веројатност дека момчето ни е колега-практикант кое било на службена задача да ги следи протестите.

Но, во таа ситуација се наметнуваат уште еден куп нови прашања кои очекувам да ги одговори претседателот на ЗНМ:

Дали момчето е член на ЗНМ? Ако е член, тогаш според кои критериуми се зачленил? Ако не е член, тогаш дали Селмани како претседател на ЗНМ излегува надвор од своите овластувања и го крши Статутот на Здружението застапувајќи лице кое не е член?

Во статутот на ЗНМ точно се определени неговите надлежности:

 Претседателот на ЗНМ:

  • Го претставува и го застапува ЗНМ;
  • Ги свикува и претседава со седниците на УО;
  • Ги спроведува одлуките на Собранието на ЗНМ и на УО;
  • Ги потпишува актите што ги донесува Собранието, УО и другите акти што ги склучува ЗНМ;
  • Ги прогласува наградите и признанијата на ЗНМ;
  • Потписник е на сметките на ЗНМ;
  • Врши и други работи што ќе му ги додели Собранието и УО, во согласност со Статутот и со другите општи акти и преземени обврски на ЗНМ.

 

Ако веќе толку се заинтересирал да му помогне на момчето и покрај тоа што не е член на организацијата, тогаш зошто не се распраша за неговиот статус во весникот каде што работело? Зошто не го праша уредникот и сопственик на медиумот, а потоа и да и соопшти ја јавноста:

Дали новинарот е пријавен? Дали е вработен со договор на дело? Дали има некакви примања? Дали е осигуран од повреди на работно место? Дали медиумот плаќа данок за него? Кој уредник пратил практикант да покрива настан од висок ризик каде што лесно може да настрада? (Тоа е крајно непрофесионално од медиумот и такво нешто прв пат слушам) Ќе побара ли ЗНМ одговорност од весникот кој не презел основни мерки да го заштити вработениот? Имал ли новинарот новинарска легитимација? Му кажал ли некој дека задолжително треба да ја носи легитимацијата на видно место додека следи такви високоризични настани и дали го направил тоа? Му кажал ли некој на новинарот дека задолжително мора да биде на безбедно растојание од местото каде што се случува насилство и други ризични настани, а не внатре во толпата (каде и што бил приведен)? Знаело ли тоа момче дека ризикот е лично негов, ако легитимацијата не се носи на видно мести и не е на безбедно растојание кое го определуваат безбедносните сили кои во моментот се на местото? Ќе го поучи ли ЗНМ новинарот дека може да го тужи весникот каде што работи?

Во исто време, претседателот според неговите надлежности би требало да се заинтересира уште колку други новинари во медиумите (кои се членови на ЗНМ) работат непријавени, колку години се без платени придонеси и се незаштитени?

Овие прашања се легитимни затоа што се во доменот на функцијата што ја извршува Селмани врз основа на Статутот на ЗНМ во кој пишува:

Во остварувањето на своите цели ЗНМ ќе се залага професионалните и материјалните интереси на новинарите да се заштитат со актите и договорите во редакциите и со работодавачите, а на национално ниво со колективен договор со Владата и со работодавачите. 

Со тоа што Селмани воопшто не се оградува, туку тврди дека момчето е новинар, а единствен доказ му е изјавата на сопственикот на медиумот, дали ја злоупотребува функцијата и го крши новинарскиот кодекс во кој се вели:

Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи. До колку информацијата не може да се потврди, или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави.

 

Ако претседателот на ЗНМ е толку загрижен за безбедноста на новинарите во државата и кога веќе има волја да се грижи за, во најмала рака, спорни новинари, тогаш зошто цела недела не изусти ниту збор осуда за нападот на новинарите (меѓу кои можеби и членови на ЗНМ) од страна на демонстрантите кога еден беше физички нападнат, а повеќе настрадаа од солзавци кои беа фрлени во нивна непосредна близина?

И на крајот, без сите овие одговори кои се потребни за да ни се разјасни сликата за случајот, целосно да прифатиме дека приведениот бил новинар, што е тоа што го амнестира од кривична одговорност за учество во толпа и нарушување на јавен ред и мир? Тоа што е новинар или што е Албанец? Како Селмани може да биде сигурен дека момчето е невино без прво да ги разгледа доказите против него? Зошто претседателот на ЗНМ е поголем адвокат од правниот застапник на момчето кој бил цело време со него и при тоа не поднел никаква забелешка?

Дали претседателот на ЗНМ ќе одговори на прашањата не знам, но очигледно е дека не го издржа притисокот од албанската заедница која прво бара секој да биде Албанец, а потоа професионалец и граѓанин.

Епа полека бре Насер, прво биди еснаф, па потоа Албанец.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top