Невообичаено, прв пат во четиригодишниот мандат и опозицијата во градскиот Совет гласаше за сите предлози, пишува Утрински весник.
Прв пат од четиригодишната работа на актуелниот градски Совет, неговите членови беа едногласни. Невообичаено досега, опозицијата на вчерашната седница без никаква дискусија ги усвои сите предложени точки од градоначалникот Коце Трајановски. Седницата заврши за дваесетина минути со усвоени над десетина предлози. Иако тие не беа од некое суштинско значење за функционирањето на Градот, сепак во изминативе години советниците од редовите на СДСМ и коалициските партии реагираа и забележуваа дури и на обични формалности, што не беше случај вчера.
„Еве вака ќе течат седниците наредниот мандат во овој Совет. Нема да имате опозицијата и се’ ќе ви биде како подмачкано“, коментираа од место советниците од СДСМ. Накусо, таков коментар од говорница упати и советникот Александар Наумовски.
„Колеги, ви благодарам многу за подршката“, накусо на шега за ваквиот однос на опозицијата искоментира претседателот на Советот, Ирена Мишева. Ниту таа, ниту советниците од опозицијата, ниту пак другите не сакаа да искоментираат на што се должи ваквиот однос на до вчера лутите противници во Советот. Тие вчера ги усвоија завршните сметки на дел од јавните претпријатија, ги усвоија програмите за нивна дополнителна работа, како и програмите за упис на ученици во некои од средните училишта за претстојната учебна година…
Инаку, актуелната постава на овој градски Совет сигурно ќе одржи уште една седница. И на таа најверојатно ќе се најдат точки со чисто формална содржина неопходни за функционирањето на градските власти.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



