Европската канцеларија за статистика (Евростат) денеска излезе со најнови податоци за бројот на жители што живеат во земјите-членки на
Европската унија, но и кај кандидатите за членство и во земјите од ЕФТА, јавува дописникот на МИА од Брисел.
Според тие податоци, на 1 јануари 2014 година, во 28 земји-членки на Унијата живеат точно 507,4 милиони лица, додека во Република Македонија 2,065 милиона.
Во споредба со 1 јануари минатата година, популацијата во ЕУ е зголемена за 80.000 жители во однос на природниот прираст, како и за уште 700.000 жители што пристигнале преку миграција.
Сосе статистичкото приспособување, во споредба со 2012 година, лани ЕУ имала дури 1,7 милион жители повеќе и тоа што е интересно е дека овие податоци покажуваат дека популацијата кај ЕУ-земјите се зголемила за дури 100 милиони лица од 1960 година, кога во 28 земји живееле вкупно 407 милиони лица. Во однос на истата споредба, Македонија е проценето дека имала точно 2.065.800 жители на 1 јануари годинава, што во споредба со истиот период минатата година е за околу 30 илјади жители повеќе. Според Европската канцеларија за статистика, во период од една година во
нашата земја имало 11,2 новороденчиња на илјада жители, а 9,3 лица од илајда починале.
Според природната разлика е проценето дека Македонија има околу два процента прираст на населението (точно 1,9 отсто).
Во текот на минатата година, во ЕУ се родиле 5,1 милиони бебиња или по десет на 1.000 жители. Највисока стапка на раѓање е забележана во Ирска (15,0 отсто), па во Франција (12,3 отсто) и Велика Британија (12,2 отсто), додека најниска имало во Португалија (7,9 отсто), Германија, Грција и во Италија (сите по 8,5 отсто).
Од друга страна, лани се забележани 5 милиони починати лица во Унијата, односно 9,9 лица на 1.000 жители. Највисока стапка на починати е забележана во Бугарија (14,4 отсто), Летонија (14,3 отсто) и во Литванија (14,0 отсто), додека најниска имало на Кипар (6,0 отсто), Ирска (6,5 отсто) и во Луксембург (7,0 отсто). Како резултат на тоа, највисока позитивна природна промена е регистрирана во Ирска (плус 8,5 отсто), следат Кипар (+4,7 отсто), Луксембург (+4,2 отсто), Франција (+3,6 отсто) и Велика Британија (+3,2 отсто).
Но, затоа, пак, во 13 земји-членки на ЕУ имало негативна природна промена со тоа што прва е Бугарија (минус 5,2 отсто), следуваат Летонија (-4,2 отсто), Литванија (-3,9 отсто) и Унгарија (-3,6 отсто).
Во 2013 година, Луксембург (+ 19 проценти), Малта (+7,6 отсто) и Австрија (+6,5 отсто) забележале највисока позитивна нето-миграција во релативна смисла, додека Кипар (- 13,9 отсто), Летонија (-7,1 отсто) и Литванија (-5,7 отсто) имале највисока негативна нето-миграција, односно во толкав процент лица ги напуштиле овие земји и мигрирале.
Во однос на природна промена и нето-миграција заедно, најголемо зголемување на стапката на жители е забележано во Луксембург (+ 4,2 отсто со прирордна промена и плус 19 отсто со миграција), а најголемо намалување имало во Летонија (- 4,0 отсто во однос на природен пораст и -7,1 отсто во однос на миграција).
Инаку, од вкупно 507.416.600 жители во ЕУ забележани на 1 јануари оваа година, најмногу жители кај земјите-членки на Унијата има во Германија (80,7 милиони), следуваат Франција (65,8 милиони), Велика Британија (64,3 милииони) и Италија (60,7 милиони жители). Од друга страна, Малта со 425.400 жители е земја со најмал број популација, а по неа на овој список следуваат Луксембург (549 илјади), Кипар (858 илјади) и Естонија (1,3 милиони жители).
Во однос на земјите од поранешна Југославија што уште не се дел од ЕУ, а се опфатени со оваа статистичка операција на Евростат, Црна Гора има 624.300 жители, што е за околу 20 илјади повеќе во однос на 1 јануари минатата година, додека во Србија живеат 7,14 милиони лица или 40 илјади помалку во однос на 2012 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



