Македонскиот народен театар (МНТ), Драмски театар, Битолски театар и Театар Комедија ќе гостуваат на европски и светски сцени и на меѓународни фестивали во втората половина на годинава.
Драмскиот театар – Скопје ќе гостува во Виена во рамки на Деновите на македонската култура во Австрија, по повод одбележување 20 години од воспоставувањето дипломатски односи со Република Австрија. Нашиот театар ќе ја изведе претставата „Последните Македонци“ на режисерот Сашо Миленковски во престижниот театар „Акцент“ во Виена.
МНТ ќе гостува во Хрватското народно казалиште во Загреб со три претстави од нивната најнова театарска продукција, а Народниот театар од Битола во октомври ќе гостува во Националниот театар во Пекинг со претставата „Хенри Шести (трет дел)“.
Министерството за култура соопшти дека ќе поддржи и претставување на македонската уметност и култура во земјите во кои живеат голем број македонски иселеници.
– Во таа насока е и гостувањето на Театар Комедија во театарот „Meadowvale“ во канадскиот град Мисисога со претставата „Стујардеси“ во режија на Синиша Евтимов. Центарот за култура „Марко Цепенков“ од Прилеп, пак, ќе гостува во Австралија, во градовите Сиднеј, Мелбурн, Канбера, Бризбејн, Њукасл, Вологонг и Аделенд. За време на турнејата театарот ќе гостува со претставите „Крпен живот“ и „На два стола“, а ќе биде изведена и претставата „Волшебникот од Оз“, што претставува прво гостување на македонски театар со детска претстава во Австралија – информира Министерството за култура.
Министерството потсетува и дека годинава го поддржа учеството на Турскиот театар со претставата „Госпоѓица Јулија“ на Балканскиот театарски фестивал и на фестивалот „Нулифер“ во Бурса, Турција, каде што во првата половина од годинава гостуваше и Албанскиот театар со претставата „Генерал на мртвата војска“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.