| четврток, 6 декември 2018 |

ЕУ влегува во битка со џихадистите кои заминуваат да се борат во Сирија

Европската унија усвои план за идентификување на младите лица кои од Европа заминале или се подготвуваат да заминат да се борат во Сирија, јави дописникот на МИА од Брисел.

Sirija (7)

Европскиот координатор за борба против тероризмот Жил де Керхове денеска потврди дека министрите за внатрешни работи на девет земји-членки на Унијата: Франција, Белгија, Велика Британија, Италија, Шпанија, Холандија, Шведска, Германија и Данска, синоќа на работен состанок во Милано го усвоија посочениот Акциски план.

– Мерките што ќе бидат преземени се тајни, а на останатите земји од ЕУ ќе им бидат претставени на идниот формален состанок на министрите за внатрешни работи во октомври, истакна Де Керхове.

Според европскиот координатор за борба против тероризмот, неодамнешниот развој на настаните во Ирак ја истакнал потребата од итна акција, посебно што новиот т.н. Калифат на просторот на Ирак и Сирија би можел да ги привлече младите муслимани од европскиот континент.

Мерките што ЕУ ги воведува за овој проблем имаат за цел да го подобрат идентификувањето на кандидатите кои се подготвени да заминат да се борат во Сирија и Ирак, да ги предупредат другите земји од Европа за овие лица, да не им се дозволи да заминат и да бидат следени откако ќе се вратат во своите земји по борбите на страна на џихадистите, а по потреба и да бидат уапсени.

Според проценките на одделението на ЕУ за борба против тероризмот, повеќе од две илјади лица од Европа заминале или имаат намера да заминат во Сирија. Некои од нив, според Де Керхове, се вратиле во европските земји и претставуваат потенцијална закана за безбедноста.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top