| четврток, 6 декември 2018 |

Инвеститор од САД планира 2.000 вработувања во контакт центар во Македонија

Мултинационален контакт центар  со седиште во САД планира да отвори претставништво во Македонија  со 2.000 работни места.

dzeri-naumof1-600x400

Првите интервјуа на кандидатите се одвиваат во рамки на Саемот за работа, што се одржува денеска во Скопје, чиј домаќин во име на американската компанија е Кабинетот на министерот за странски инвестиции Џери Наумоф.

– Домаќини сме на Саем за работа  во име на голема американска компанија која сака да отвори претставништво во Македонија. Ова е мултинационален  контакт центар компанија којашто  моментно има 12.000 вработени, работи во пет држави, и сака да отвори свое претставништво во Македонија. Компанијата планира 2.000 вработувања  во насока  на грижа на корисници  и техничка поддршка на големи компании  во САД кои се лидери во најразлични индустрии, изјави министерот  Наумоф.

Тој нагласи дека засега нема да го откријат името на инвеститорот, кој за работни позиции бара кадар со активно познавање англиски јазик, пишување, читање и говорење, и работа со компјутер. На вработените, појасни,  ќе им се обезбеди платена обука во период од 8 до 10 недели, со што треба да ги научат основните вештини за техничка поддршка на големите компании со кои ќе соработува контакт центарот.

Во  најавата на Саемот за кариера локалната агенција за поддршка на американскиот инвеститор информира дека претставништвото во Македонија  ќе работи на поддршка на клиенти по американско работно време. Бруто платата, според објавата, ќе изнесува 29.334 денари.

Според консултантите на американскиот инвеститор,  контакт центарот опслужува  дојдовни повици и прашања поставени преку порака и меил на коишто вработените  агенти треба да дадат соодветни одговори и да решат соодветни комплексни прашања. Колку вработувања ќе се реализираат  ќе зависи  од потенцијалот и квалитетот на кандидатите.

– Проценката за атрактивноста на земјите за  контакт  центар бизнисот најмногу зависи од познавањето на англискиот јазик и од едукацискиот систем во државата. Нашата проценка покажа дека  едукацискиот систем во Македонија е многу добар, дека луѓето имаат високи технички компетенции и тоа е причината  зошто одлучивме да дојдеме токму овде, појаснуваат консултантите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top