| четврток, 6 декември 2018 |

Андреј Пленковиќ: Република Македонија наместо ФИРОМ во АФЕТ

Andrej_Plenkovic_1Хрватскиот европратеник Андреј Пленковиќ, новиот потпретседател на Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) на Европскиот парламент, вети дека во сите свои активности на АФЕТ ќе поттикнува расправи и предлози за отворање на преговорите за членство на Република Македонија во Европската унија.

– Мене ми е драго што ја добив довербата на моите колеги во Комитетот за надворешни работи на ЕП да бидам еден од четворицата потпретседатели. Се разбира дека една од главните теми што ќе биде на дневен ред на АФЕТ е понатамошното проширување на Европската унија. Притоа, тема е и отворање на преговорите со Македонија која сум сигурен дека ќе се најде на дневниот ред на Комитетот, истакна Пленковиќ за МИА.

Хрватскиот европратеник посочува дека како човек кој со години се залага за квалитетни билатерални односи меѓу Хрватска и Македонија, тој силно го поддржува и европскиот пат на Македонија.

– Секако дека во сите свои активности ќе поттикнувам расправи и ќе ги поддржам предлозите што ќе бидат за отворање на преговорите и за забрзана институционална динамика со цел Македонија да продолжи со реформите и на крајот се надевам и да стане членка на Европската унија, вели Пленковиќ.

Со оглед на тоа што голем дел од претходниците на Хрватот на чело на АФЕТ, меѓу кои и бугарскиот европратеник Андреј Ковачев, досега ја нарекуваа Македонија со акронимот „ФИРОМ” во дебатите, Пленковиќ вели дека со него отсега ќе биде поинаку во однос на тоа кога ќе се споменува Република Македонија.

– Хрватска ја има признато Македонија под нејзиното уставно име. И досега кога настапував во Комитетот за надворешни работи го користев зборот Македонија. Тоа не е никаква тема ниту за мене, ниту за некој друг хрватски европратеник. Знаете дека овде во ЕП постојат некои непишани правила кои функционираат и се такви какви што се, но ќе им дадеме до знаење дека уставното име на Македонија е она што јас како европратеник и Хрватска како земја го почитува, дециден е Пленковиќ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top