Најмалку пет лица загинаа денеска во силен земјотрес што ги потресе јужниот дел на Мексико и Централна Америка.
Американскиот геофизички институт соопшти дека епицентарот на земјотресот со интензитет од 7,1 степени според Рихтеровата скала, бил на осум километри североисточно од јужниот мексикански град Пуерто Мадеро во близина на границата меѓу Мексико и Гватемала и со жариште на длабочина од 92 километри под површината на земјата.
Подоцна, како што јави ИТАР-ТАСС, Геофизичкиот институт ја корегира првичната информација и соопшти дека јачината на потресот била 6,9 степени, а епицентарот бил на длабочина од 60 километри.
Земјотресот бил почувствуван во јужните делови на Мексико, вклучително и во главниот град Мексико Сити, како и во Гватемела и во Салвадор.
Претставници на локалните власти во Мексико соопштија дека загинале најмалку две, а неколку други биле примени во болница. Потресот предизвикал и значителна материјална штета.
Во мексиканската сојузна држава Чиапас луѓето излегле на улиците. Едно лице загинало во градот Вистла во Чиапаспри уривање на ѕид.
Во Гватемала, пак, во градот Пати, во провинцијата Сан Маркос, од урнати ѕидови починале најмалку две лица.
– Во земјата загинаа вкупно три лица – соопшти Алехандро Малдонадо, директор на гватемалската Национална служба за справување со вонредните ситуации.
На најмалку 12 лица им била пружена медицинска помош, а жителите на 50 станови биле евакуирани, соопшти портпаролот на пожарникарската служба во Сан Маркос.
– Целиот регион на Сан Маркос е сериозно погоден од потресот, изјави тој.
Потресот бил почувствуван во Салвадор.
-Зградите се движеа, прозорците на некои куќи и продавници се искршија, а луѓето избегаа на улиците – го опишува тоа што го преживал Омар Сантос, чиновник во канцеларијата на градоначалникот на Сан Салвадор.
Мексиканските медиуми јавуваат дека при земјотресот се оштетени неколку станбени и деловни објекти во реонот на епицентарот, како и дека дошло до прекин на електричната енергија во неколку населени места во Гватемала.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.