По два денара од ноќевање ќе плаќаат хотелите за пуштање музика од домашни и странски изведувачи, додека угостителските објекти, зависно од
површината на локалот, максимум 270 денари. Ова се месечните тарифи утврдени со Договорот што денеска го потпишаа Здружението за угостителство и туризам при Стопанската комора на Македонија и Македонската музичка индустрија (ММИ).
Освен годинава, овој надомест ќе важи и ретроактивно, за 2013 година. И Здружението и ММИ очекуваат хотелирите и угостителите да го плаќаат со оглед дека цената, како што посочија нивните претставници, е исклучително ниска.
– Вака утврдениот минимален надомест, индиректно е во интерес на сите. Очекуваме да биде причина хотелиерите и угостителите сами да се пријават и да го плаќаат. Два денара од ноќевање или вкупно 200, 500 па и 1.000, е најмалиот трошок што еден ресторан, бар или кој било друг угостителски објект го плаќа – рече потпретседателката на Здружението Соња Бибановска по потпишувањето на Договорот, укажувајќи дека дневница на келнер за еден
ден е 1.500 денари.
Според Бодан Арсовски, извршен директор во ММИ, воведувањето, но и почитувањето на тарифите потврдува дека музичките уметници во земјава веќе се третираат по сите европски и светски стандарди.
– Сите членки на Здружението за угостителство се должни да достават податоци колку ноќевања реализирале или колкава е површината на локалите врз основа на што се утврдува цената согласно тарифникот за користење фонограми и снимени изведби – објасни Арсовски.
Договорот предвидува локалите со површина до 50 метри квадратни да плаќаат вкупно 90 денари месечен надомест, оние со површина од 50 до 100 метри квадратни 144 денари, а најголемите, со над 100 метри квадратни, 270 денари.
Угостителите кои не се членки на Здружението при Стопанската комора ќе плаќаат речиси трипати повеќе, по 1 евро од бод.
Се проценува дека во Македонија има околу 8.000 кафетерии, барови, ресторани, локали.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.