| четврток, 6 декември 2018 |

Млади Србинки си ги убиваат бебињата со апчиња

testovi za bremenost

Србија е на чекор од регистрација на апчиња кои ќе олеснат прекин на бременост. Секоја 12 жена намерно абортира. Се зголемува бројот на абортусите меѓу девојките.

Додека некои европски земји ги потресуваат протести од противници на абортусот поради воведување апчиња за абортус во болниците, во Србија, како што дознава весникот „Новости“ во медицинските кругови, постапката за регистрација на овие апчиња се приближува кон завршна фаза.

Кога ќе се воведе, секако ќе го олесни абортусот на жените и ќе го направи похуман. Но, се кршат копја околу тоа дали и колкави последици ќе има по нашиот и така низок наталитет, пишува весникот „Новости“.

Србија овие апчиња ги дочекува како земја на самиот врв според бројот на абортуси во однос на бројот на родените деца и бројот на жителите. Официјалната статистика вели дека годишно во државните болници се вршат околу 20.000 абортуси, а процените се дека на приватните клиники ги има барем уште толку. Ако се земе предвид дека минатиот септември во училишните клупи седнале околу 71.000 првачиња, тоа значи дека секоја година губиме над половина од една генерација. Или губиме град со големина на Обреновац. Интересно е и дека веќе со години, според податоците на Републичкиот завод за статистика, бројот на родените е за 40.000 помал од бројот на умрените во земјата. Само во Белград за 12 месеци 8.000 бебиња не добиваат шанса да живеат.

Најголем број на жени ја прекинуваат бременоста на возраст од 25 до 33 години, а потоа од 35 до 44 години. Главно тие кои не раѓале или кои имаат две деца. Иако статистиката на Институтот за јавно здравство Др. Милан Јовановиќ Батут, покажува дека во вкупниот резултат со помали осцилации, паѓа бројот на абортуси од 2008 година, важно е да се знае дека паѓа и бројот на родените. Така во 2009 година на 70.299 родени имавме 22.733 абортуси, а во 2012 година на 67.257 родени имало 20.335 абортуси.

Што ќе им донесе на жените евентуалната регистрација на абортус со апчиња, како што се нарекува, т.е. со хемиски абортус, како што е наречен во светот? Важно е да се знае дека тој за Србија не е новост. Освен што може да се најде на црниот пазар и да се прошверцува од некои земји во кои е регистриран, во рамки на студијата на СЗО, кога се испитувани две различни дози на лекот за абортус, мифепристон пред 10 години официјално почна да се применува и во Гинеколошко-акушерската клиника во Нови Сад и во ГАК во Вишеградска во Белград. Овие Клиники имаа одобрение од Министерството за здравствто. Апчињата само во новосадската Клиника за гинекологија, во текот на една година се применети кај околу 250 жени. Компликации немало, па експертите се согласуваат дека ова е најкомфорниот метод на абортус до десетата недела од бременоста.

Во многу земји во кои е регистриран, мифепристон се дистрибуира во болници во кои законски е дозволено да се врши абортус. Меѓутоа, самиот чин се одвива дома, поради што методот се смета за похуман. Така во Чешка која последна го воведе лекот минатата недела пракса е првото од четирите апчиња, колку што се пијат таму, да се земе во болница. Практично тоа го убива плодот. Останатите кои служат да се исфрли фетусот и плацентата, се пијат дома.

Според зборовите на проф. др. Александра Капамаџија, началничка на Заводост за планирање на семејство при Клиниката за гинекологија и акушерство на Клиничкиот центар во Нови Сад, овој метод е најдобра алтернатива на хируршкиот абортус за т.н. рана бременост. – Може да се примени на бремени до 10 недели и има предност во однос на хируршкиот абортус. Со оглед на тоа дека не се користат инструменти, значително е намалена можноста од компликации и инфекции. Продолженото крварење, кое може да трае и две недели е една од нуспојавите – вели таа.

Ако се регистрира ова апче, а методот се вклучи во нашите клиники, пациентките со лична карта, потврда за крвна група и изјава дека сакаат да ја прекинат бременоста, ќе излегуваат од клиниките со апчињата во џеб. Откако ќе ги испијат, во болница се враќаат за 24 до 48 часа. Тогаш вагинално им се вбризгува друг лек и во половина случаи во следните три часа доаѓа до спонтан абортус. Кај 45 отсто пациентки до абортус доаѓа во рок од 24 часа. Само кај пет отсто жени потребно е да се направи ревизиски абортус, ако има заостанато ткиво од фетусот.

Катарина Седлецки, советник во Републичкиот центар за планирање на семејство при Институтот за здравствена заштита на мајка и дете Др. Вукан Чупиќ верува дека воведувањето на овие апчиња нема да влијае на понатамошниот пад на наталитетот во Србија. За непланираните бремености виновно е непостоење на системско решение поврзано за образованието на младите за заштита и исклучително ниската зачестеност на користење на ефикасна контрацепција. А ниското ниво на раѓање е условено од многу различни фактори, кои немаат врска со абортусот.

– Во Шведска и Франција, во кои на повеќе од половина бремености прекинот се врши со метод со апчиња, нивото на раѓање е многу повисоко отколку во Србија. Сепак, важно е дека овој прекин на бременоста останува под контрола на здравствениот систем, т.е. дека жените не можат да го набавуваат преку интернет или во аптека – порача др. Седлецки.

Со неа не се согласува социологот по политика Љубиша Деспотовиќ. Тој смета дека под килим се бутка моралниот, националниот, социјалниот и популацискиот аспект на целата приказна. А прашањето е многу посложено од едно апче и се сведува на тоа дали некој, па и мајката, има право да прекине зачнат живот.

– Веројатно е дека абортусот со апче е похуман и поедноставен за жената, но тоа би било исто како кога на самоубијците би продавале апчиња, бидејќи е многу почовечно од скокање од мост или бесење. Како што гледам јас, ова е само уште една од многуте мерки за забрзана депопулација на населението, посебно на полуперифериите, како што е нашата земја, која инаку има негативен природен прираст – вели тој.

Според него, наместо државата да го олесни абортусот, треба да ги образова младите да не западнуваат во таков проблем. Депопулациските мерки се делат на економски (толкаво осиромашување на граѓаните, да се прашаат за што вреди да се живее и да се создава нов живот) и на други. Во тие други мерки, меѓу другото спаѓа и контаминацијата со токсична храна, пијалоци и информации, кои не уништуваат и емоционално и психолошки. Тука спаѓа и тоталната либерализација на абортусот.

– Причините за депопулациските мерки можат на некого да личат на теории на заговор, но тие се многу реални и зад истражувањата стојат сериозни научници. Светските природни ресурси се се помалку, климатските промени се се повидливи, а планетата е пренаселена. Затоа корпоративната и банкарската елита тивко и суптилно се ослободува од јужните предели во кои ќе може да се живее за миграциите кои ќе следат – заклучува Деспотовиќ.

СПЦ повеќе пати побара од државата да го забрани абортусот, освен во случаи кога се врши од медицински причини. Минатата година на ваквото барање остро одговорија пратениците во рамки на Женската парламентарна мрежа, кои порачаа дека борбата за зголемување на наталитетот не се добива со укинување на правата на жените, туку со грижа за жените и децата, со зголемена социјална помош, ненамалување на еднократната помош, со битка против семејното насилство, подобро регулирање на алиментациските исплати… Жените исто така истакнаа дека забраната на абортусот не би го намалила нивниот број, туку само би ги пренела во сивата зона. Во светот годишно се вршат околу 40 милиони абортуси, од кои половината не се легални. Околу 200.000 жени умираат секоја година од последици од абортус

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top