| четврток, 6 декември 2018 |

Седум начини да „избегате“ порано од работа

kompjuterdzijaДали ви е позната реченицата: – Денес ќе си одам од работа на време! Или – Денес ќе работам до 16:00 и ни секунда повеќе!

Имено, многу луѓе често остануваат на работа прекувремено, бидејќи често има нешто што останало да се доработи. Под притисок на шефовите, очекувањето од работната околина па и од самите себе, остануваме на работа подолго од планираното. А кога надвор се прекрасни летни денови, понекогаш ни текнува: – Баш би сакала да се прошетам надвор по ова убаво време отколку да „чмаам“ во канцеларија.

Овие совети ќе ви помогнат како да си одите од работа порано.

Сигурно многу ви се познати досадните меилови на работа кои постојано трепкаат кога пристигнуваат нови пораки, мобилниот и состаноците на кои им нема крај. Новото истражување на Career Builder ни ги открива најзезнатите убијци на продуктивноста на работа и покажува дека тие крадливци на времето се основни виновници зошто на работа остануваме подолго од што би требало.

Career Builder анкетираше над 5000 менаџери, професионалци од човечки ресурси и вработени на полно работно време од различни индустрии и го дозна следново: најлоши нешта што пречат во работата се мобилните телефони, меиловите, како и деловните соработници. А еве што советуваат експертите, како да ги спречите тие работи што ви го продолжуваат денот, па од работа да отидете што е можно порано.

1. Стишете го мобилниот телефон
Мобилните, посебно денешните паметни телефони кои постојано ѕвонат или сигнализираат за добиена нова порака, меил или предлог за ажурирање на програмите, се најлоши попречувачи, но игнорирањето на пораките и повиците е полесно да се замисли отколку да се направи. Затоа експертите советуваат мобилниот едноставно да го ставите во фиока или на полица надвор од вашиот поглед.

Така ќе треба да вложите поголем труд да чекирате што ново ви јавува вашиот паметен телефон, а поголеми се и шансите поретко да го проверувате. Имено, за да се концентрирате на работата, приватните пораки кои ви стигнуваат можат да почекаат, на пример за пауза за јадење или кога ќе довршите нешто што сте го почнале. Звукот на ѕвончето намалете го, а на контактите кои ви се важни на кои сакате во секој момент да се јавите, како што се на пример вашиот шеф или важен повик од клиент, поставете посебни ринг тонови и јавувајте се на телефонот само кога ќе ги слушнете.

2. Одвојте време да го разбистрите умот
Можеби на работа се плашите нешто да пропуштите, не можете да престанете да размислувате за сите ситници кои треба да ги завршите, главата ви е полна, во голема гужва сте па мислите дека најдобро би било да ја прескокнете паузата? Погрешно! Кусите одмори од работа, едноставна прошетка или опуштање со колешка на клупа во парк и разговор за што било,  но не околу работата, ќе ви помогне да го одморите мозокот и да се вратите на работа со нова доза на енергија.

Всушност, некои експерти за кариера дури предлагаат куси паузи по секои 90 минути интензивна работа, сметајќи дека така се постигнува најголем ефект во работата. Дозволете на својот мозок да се опушти, подобро ќе се фокусирате потоа и ќе избегнете грешки во чекори или фрустрација.

3. Предупредете ги колегите да не ви пречат
Вашите колеги на работа се супер, но понекогаш ви ја нарушуваат концентрацијата? Едноставно замолете ги дека ви е потребна концентрација и во тој момент да не ве прашуваат ништо, освен ако нешто не е итно. Можете да им кажете и дека кога ви треба мир и концентрација, на пример ќе залепите црвена хартија на мониторот на компјутерот.

4. Одморете се од меиловите
Се концентрирате на некој важен допис, а на дното на екранот ви се појавува известување за нов меил. Во секунда го оставате дописот и го проверувате меилот. И така многу пати на ден. Секако, за да не заборавите, обично веднаш мора и да испратите кус одговор на тој меил. Сето тоа се прави махинално, но ви пречи на концентрацијата и постојано прешалтување од едно на друго па на трето, ве прави непродуктивни и ви ја отежнува работата.

Одредете си период во кој нема да го проверувате меилот, кога работите нешто што бара ваше целосно внимание. Исклучете го индикаторот или едноставно затворете го некое време. Подоцна повторно отворете го, одредете си тогаш да ги проверувате сите меилови и да им одговорите, одеднаш.

5. Скусете ги состаноците
Долгите состаноци ви одземаат време во работењето. Укажете му на организаторот на состанокот дека сакате да бидете само на оној дел од состанокот кој се однесува на вашата работа, бидејќи сте во гужва и имате многу работа.

6. Пропуштете некои работи
Понекогаш едноставно мора да знаете да пропуштите некоја работа. Тоа значи дека повремено мора да се помирите со фактот дека не можете да завршите се што сте замислиле. Мора да си дозволите одредена работа да ја продолжите следниот ден, инаку ќе бидете презафатени, ќе останувате постојано прекувремено и поради стрес ќе правите грешки, или ќе се разболите. Уверете се самите, а и вашиот шеф ако треба, дека денес сте дале се од себе, а пропуштеното оставете го за утре.

7. Одредете си крај на работното време
Одредете си јасно и цврсто: на пример, ќе работам до 16:30 и потоа ќе си одам од работа. Освен што тоа ќе ви помогне во намерата да си одите од работа порано во нормално време, ќе ви даде подобра мотивација, фокусираност и продуктивност во текот на денот. Поставете си аларм на еден час пред тој рок, кој ќе ве потсети дека ви преостанува уште еден час. Кога ќе заѕвони алармот, привршувајте ја работата, проверете ја состојбата со колегите или соработниците или со шефот, што уште ви преостанало и распоредете ги задачите за подоцна – на пример, во следниот половина час ќе го довршам тоа и тоа, бидејќи е приоритет, а наутро ќе го направам тоа и тоа…

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top