| четврток, 6 декември 2018 |

„Протагон“: Покахонтас и Македонија

Неодамнешниот коментар на Самарас за македонскиот јазик, покажа уште еднаш какви се мислењата на двете страни и зошто му е толку тешко на Нимиц да го премости јазот. Ова во коментар го пишува грчкиот портал „Протагон“ истакнувајќи дека „едната страна (Република Македонија) бара да остане името кое го има веќе 50-60 години, додека другата, Грција, бара тоа да се смени“.

На едно подлабоко, епистемолошко ниво, ставот на Грција се базира на идејата дека зборовите и особено личните имиња, ја создаваат реалноста. Со други зборови, ако соседната земја го задржи своето уставно име, Грците веруваат дека постои ризик едно убаво утро жителите на Солун да се разбудат под словенска окупација… Но, ако се промени името, тогаш, според грчките сфаќања, тој ризик не постои !“ пишува „Протагон“.

Автор на коментарот е грчкиот новинар и аналитичар Такис Михас, кој е познат по тоа што смета дека Грција треба да го признае уставното име на Македонија.

Тој саркастично забележува дека „на прв поглед грчката перцепција звучи многу чудно, но како што  покажува антропологија, тврдењата дека зборовите создаваат реалност не е само грчко сфаќање, туку тоа е многу раширено меѓу примитивните народи во целиот свет“.

Михас потоа набројува повеќе примери. Така, во многу домородни племиња не се кажуваат имињата на диви животни, затоа што луѓето се плашат дека ако ги споменат, животното одеднаш ќе се појави пред нив и ќе ги изеде. Домородците од Мадагаскар никогаш не зборуваат за громови, затоа што се плашат дека ќе ги удри молња. Друго племе не го спомнува зборот „земјотрес“ затоа што се плаши дека ако се изговори, земјата ќе почне да се тресе.

Во една област во Западна Африка, само најблиските родини си ги знаат имињата, а другите се обраќаат со прекар. Истото се случува и со Индијанците од Северна Америка: вистинското име на Покахонтас, која сите ја знаат, е Матоака. Со „Покахонтас“ се крие нејзиното вистинско име, затоа што ако биде откриено ќе ја снајде несреќа.

На Борнео е вообичаено да се смени името на болно дете да се измамат злите духови кои го мачат. Во Тонкин (Виетнам) на децата им се даваат лоши имиња за да се исплашат демоните и да се чуваат подалеку од нив.

Можеби затоа напорите на Нимиц не се крунисани со поголем успех поради тоа што во неговиот тим нема антрополог. И се разбира, многу, ама многу, психијатри…“, заклучува Михас.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top