Кевин Спејси, во улогата на бескруполозниот политичар Френк Андервуд, нема да има можност да седне покрај масата каде што светските моќници во ОН одлучуваат за најважните прашања затоа што Русија го одби барањето на продуцентот на серијата „Kуќа од карти“ да снима сцени во салата на Советот за безбедност.
Мрежата „Нетфликс“, која ја финансира популарната серија, побара од ОН филмската екипа да снима сцени за време на викендите и во текот на ноќите, но за снимањето било потребно да се добие согласност од сите членови на Советот за безбедност, но Русија одбила.
– Претпоставувам дека сте разочарани затоа што сакавте да се запознаете со актерите. Но, можеби и добро излезе вака бидејќи актерите би изгледале многу поелегантно од нас – се пошегува францускиот амбасадор.
Седиштето на ОН во Њујорк, но не и салата на Советот за безбедност, и претходно беше прикажувано на филм и на телевизија.
Американскиот режисер Сидни Полак во 2005 година доби дозвола од тогашниот генерален секретар Кофи Анан да сними неколку сцени во зградата на светската организација за0 филмот „Преведувач“ со Никол Кидман и Шон Пен.
Оваа привилегија ја немаше Алфред Хичкок, па така сцените од филмот „Север- северозапад“, кои требало да бидат снимени во ОН, тој ги има снимено во импровизирано студио затоа што не добил дозвола.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



