Словенечкиот европратеник Алојз Петерле – Лојзе е наследник на грчкиот Германец Јорго Шацимаркакис на чело на заедничкиот мешовит комитет на Европскиот парламент и македонското Собрание, пренесе МИА од Брисел. Европратениците го одредија Петерле да го води заедничкиот комитет на европскиот и македонскиот законодавен дом, наследувајќи го контроверзниот Шацимаркакис, кој на последните европски избори не успеа да се избори за нов мандат во ЕП. Со оглед на тоа што комитетите и подкомитетите во Европарламентот се уште се формираат, наскоро се очекува да биде комплетиран и целиот список од дваесетина европратеници што ќе бидат дел од Мешаниот комитет со Македонија.
Инаку, Петерле, кој почнува трет последователен мандат како пратеник во Европскиот парламент, важи за искусен политичар со богата кариера во својата земја. Така, по распадот на СФР Југославија, тој беше прв премиер на Владата на Словенија (од 1990 до 1992 година), а двапати (1993-1994 и 2000 година), Петерле беше и вицепремиер и словенечки министер за надворешни работи. Како претставник на христијанско-демократската партија Нова Словенија, во Европарламентот, Петерле е дел од Европските народни партии (ЕПП), чија членка е и владејачката партија во Република Македонија, ВМРО-ДПМНЕ.
Претходникот на словенечкиот европратеник на чело на Мешовитиот комитет на ЕП и македонското Собрание, Јорго Шацимаркакис, остави длабоки последици во односите на законодавните домови на Европската унија и на Македонија, со оглед на тоа што долго време не договараше средби (обично се одржуваат по две средби годишно, една во Брисел, а друга во Скопје), а и ги минираше состаноците со провокации за Македонија. Добро се памети и театралниот настап на Шацимаркакис во македонското Собрание, кога, наводно, говореше на македонски јазик. Потоа, за грчки и бугарски медиуми, тој изјави дека „во Скопје користел бугарски дијалект”.
На една дебата за слобода на медиумите во Македонија, одржана во Европарламентот, Шацимаркакис на сила и со навреди исфрли тројца македонски новинари од салата, со изговор дека истите не биле поканети и не можело да дискутираат.
Во однос на Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) на Европскиот парламент, каде се гласаат Резолуциите за напредокот на Република Македонија во евроинтеграциите, речиси сигурно е дека Британецот Ричард Ховит ќе биде реизбран за известувач за нашата земја, додека Романецот Кристијан Дан Пред ќе биде координатор за Македонија на најбројната партија во ЕП, Европските народни партии во АФЕТ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


