| четврток, 6 декември 2018 |

„Макавеј“ објави избрани дела во пет книги од Бранко Цветкоски

Избрани дела во пет книги од современиот македонски поет, есеист, литературен критичар, преведувач и издавач Бранко Цветкоски по повод 60-годишнината од животот и 40-те години од стартот во современата македонска литература е новиот крупен издавачки проект на Книгоиздателството „Макавеј“ од Скопје. Првата и втората книга од Избраните дела на Цветкоски на простор од по 400 страници презентираат селекција од поетското творештво омеѓено меѓу првата поетска збирка „Својок“ и дванаесетата книга „Оган во обрачи“. При тоа кон поезијата на Цветкоски со обемни предговори се обраќаат академикот Георги Старделов и поетот и литературен критичар Санде Стојчевски. – Во текстовите, низ два различни толкувачки пристапа, се нотира респективното место и високиот придонес на лириката на Цветкоски во развојот на современата македонска литература, наведува издавачот. Третата книга донесува ригорозен избор на есеистичката и критичарската актива на Цветкоски, при што, на повеќе од 400 страници со заеднички наслов „Повисоко од животот“ се објавуваат есеи, анализи и критички согледби на Цветкоски посветени само на 25 исклучителни македонски и странски поети, меѓу кои – Анте Поповски, Матеја Матевски, Гане Тодоровски, Богомил Ѓузел, Радован Павловски, Михаил Ренџов, Евтим Клетников, Катица Ќулавкова, Веле Смилевски, Раде Силјан, Братислав Ташковски, Јордан Даниловски како и Васко Попа, Еуџенио Монтале, Љубомир Левчев и други. Во четвртата книга со наслов „Поезија – пајажина“ се презентирани 38 текстови (есеи, толкувања, беседи) посветени на поезијата на Цветкоски од исто толку реномирани македонски есеисти, критичари и толкувачи како Матеја Матевски, Гане Тодоровски, Слободан Мицковиќ, Ванко Андоновски, Веле Смилевски, Раде Силјан, Ферид Мухиќ, Тодор Чаловски, Иван Џепароски, Ангелина Бановиќ – Марковска, Кристина Николовска, Владимир Мартиновски, Мите Стефоски, Иван Антоновски и други.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top