| четврток, 6 декември 2018 |

Атина: Коментарот на Милошоски е екстремен, неприфатлив и популистички

atina

Коментарите во Скопје за изјавата на премиерот Самарас за непостоење македонски јазик се екстремни, несоодветни со историјата, неприфатливи и популистички, кои го држат Скопје надвор од Европа и НАТО.

Ова го рече портпаролката на грчката Влада Софија Вултепси како реакција на изјавата на потпретседателот на македонскиот Парламент и поранешен министер за надворешни работи, Антонио Милошоски, јави дописничката на МИА од Атина.

– Изјавата на Самарас личи на политичар од 19 век, кој нема демократски капацитет да ги признае различностите, малцинските права, јазичните особености на своите соседи. Тој не само што не може да го реши македонско-грчкиот спор, туку како творец на овој ирационален спор ќе направи се за да не дојде до решение. Или решение што тој го замислува, може да биде целосно понижувачко за нашата држава каде што ќе инсистира не само на промена на уставното име, туку на измена и на целиот идентитет поврзан со јазикот, со нацијата и културните особености, изјави Милошоски за телевизијата „Телма“ и го повика Самарас да ги посети Леринско и Костурско за да се увери во постоењето на македонскиот јазик.

Според Вултепси, „јазик со словенско потекло и конструкција никогаш не може да се нарече македонски“ и додаде дека изјавите на Милошоски во врска со коментарот на Самарас „се придружени со дополнителен предизвик“. Таа изјави дека Милошоски не само што инсистирал на тоа дека постои македонски јазик, „туку стигнал до таму да го повика премиерот да ги посети Лерин, Воден и Костур, да се увери дека во Грција е сочуван и се зборува македонски јазик од страна на македонското малцинство“.

– Значи, според Милошоски, освен ’македонски јазик’ има и ’македонско малцинство’. А тоа ја прави позицијата на неговата земја уште потешка, коментираше портпаролката на грчката Влада.

Самарас на завршната прес-конференција по завршетокот на грчкото претседавање со ЕУ, во Европскиот парламент во Стразбур, рече дека македонскиот јазик не постои, оти го исмислиле комунистите и дека Македонија води политика на екстремни ставови и непопуштање, а не дијалог.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top