Цените на храните паднаа во јуни, трет месец по ред, притиснати од пониските цени на житарките и билните масти на коишто влијаела подобрената прогноза за производството годинава, објави агенцијата на Обединетите нации за храна – ФАО.
Индексот на цената на кошницата на прехранбени производи се спуштил во јуни на просечните 206 поени, што претставува пад на цените за 1,8 отсто во однос на мај. Со тоа овој индекс се спуштил на најниското ниво од јануари 2014 година, а бележи пад трети месец по ред. Кошницата со основните продукти на ФАО опфаќа житарки, растителни масла, месо, млеко и млечни производи и шеќер.
Најмногу во јуни се намалиле цените на житарките, за 5,2 отсто во однос на ревидираната вредност за мај, и тоа благодарејќи на подобрените изгледи за принос на пченката и пченицата и придушената загриженоста за испораките од Украина.
Значително во јуни се спуштиле и цените на растителните масла, за 3,3 отсто во однос на мај, при што придушената побарувачка на палмино масло се поклопила со високото ниво на неговото производство.
Паднале и цените на млекото и на млечните производи, за еден процент, значително помалку отколку во претходните три месеци годинава, сигнализирајќи дека прилагодувањето на цените можеби се ближи кон крајот, се истакнува во извештајот на ФАО.
Чувствителен поблаг пад, и тоа за 0,5 отсто, забележале во јуни и цените на шеќерот, додека цените на месото пораснале 0,7 во однос на претходниот месец, поткрепени од повисоките цени на свинското месо поради епидемијата во САД.
Во извештајот на ФАО воедно е подигната прогнозата за производството на житарки, поради подобрените изгледи за производство, во прв ред во САД, во Европската унија и во Индија. Сега во оваа организација очекуваат дека ќе бидат произведени вкупно 2.498 милиони тони житарки, што е за 18 милиони тони повеќе отколку што прогнозираа на почетокот од јуни, но и еден отсто под минатогодишното рекордно ниво.
Прогнозата за производството на пченицата, пак, е намалена за 1,4 отсто во однос на минатогодишниот рекорд, на 707 милиони тони, во прв ред поради сушата во САД и помалку посеаните површини во Канада, со што северноамериканските производители реагираа на пониските цени.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.