| четврток, 6 декември 2018 |

Тетовец со автомобил се забил во дуќани на „Илинденска“

tetovo

23-годишниот тетовец С.М. заработил телесни повреди откако вчеравечер со автомобил се забил во дуќани лоцирани на булевар „Илинденска“ во Тетово.

Според информациите на МИА од тетовската полиција, момчето загубило контрола над автомобилот „опел вектра“, излетал од улицата и се удрил во излозите од дуќаните. Несреќата се случила околу 21.30 часот.

– Од излетувањето, возачот добил телесни повреди, пренесен е во тетовската клиничка болница и по укажаната помош е пуштен на домашно лекување. Извршен е увид, а причина за излетувањето е неприспособена брзина додека вкупната материјална штета се проценува на 90 илјади денари – вели за МИА портпаролот на тетовската полиција, Марјан Јосифовски.

Како што информирал Јосифовски, во текот на минатиот и на овој месец, во тетовскиот регион биле регистрирани преку 20 излетувања од пат, кои се последица на пребрзо возење и неприлагодување на условите на патот. Овие несреќи најчесто се случувале во врнежливи денови и на лизгави патишта. Возачите најчесто удирале во заштитна ограда, во други возила или во електрични столбови.

Јосифовски апелира до возачите да не возат пребрзо, посебно не во врнежливи денови и во населени места. Тој порачува максимално да се внимава и да се почитуваат ограничувањата на брзината. Тој најавува ригорозни казни за уличните самоволија на поединци со чкрипење на гумите при стартување на возилата, организирање мото-трки и слично. Казната за овие прекршоци изнесува 45 евра во денарска противвредност, додека за причинување бучава со возила глобата е 20 евра.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top