По повод испраќањето на контингентот на АРМ од составот на Првата механизирана пешадиска бригада, (1.мпбр) кој учествува во мировната мисија ИСАФ во Авганистан денеска во касарната „Боро Менков“ во Куманово ќе се одржи свеченост на која ќе присуствува началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Горанчо Котески.
Во седумнаесеттата ротација на мировната мисија ИСАФ, во која АРМ учествува со механизирана пешадиска чета, во Авганистан ќе заминат 150 припадници на 1. мпбр кои заедно со најстариот национален претставник ќе бидат распоредени во главната команда на ИСАФ во Кабул.
Припадниците на АРМ кои се дел од контингентот за мисијата ИСАФ, во наредните шест месеци задачите ќе ги извршуваат во рамките на контингентот на Армијата на Обединетото Кралство, каде што ќе бидат задолжени за обезбедување на главната команда на силите на ИСАФ во Кабул.
За досегашното беспрекорно и професионално извршување на задачите, покажаната компатибилност и интероперативност со силите на Алијансата во мисијата ИСАФ, припадниците на АРМ од командата на ИСАФ и од високите командни структури на Алијансата, изминативе години во континуитет добиваат највисоки оценки, заради што уживаат висок рејтинг, се наведува во соопштението од ГШ на АРМ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.