Србија и официјално се најде на спискот на земји чии разговори ги прислушкувала американската Национална агенција за безбедност (НСА), пишува денешен „Блиц“.
Србија е интересна за НСА најмногу заради можното делување на групите поврзани со радикалните исламисти, а комуникацијата на српските политичари сигурно е интересна и заради односот со Русија, изјави за „Блиц“ соговорник од военобезбедносната агенција.
„Блиц“ наведува дека разговорите на државниот врв се заштитени од надворешни прислушкувања, но дека нема заштита за меѓудржавни разговори.
Српските служби поседуваат систем за заштита со кој ги попречуваат слушањата на разговорите кои се водат на српска територија. Српските функционери можат помалку или повеќе да бидат безгрижни кога станува збор за обидите на службите од странство да ги прислушкуваат, наведува „Блиц“’.
Проблем е заштитата на разговорите со соговорници надвор од границите на Србија, од што не се заштитени ниту функционерите од државите кои вложуваат многу повеќе пари во безбедносни технологии. Најдобар пример е канцеларката Ангела Меркел која беше прислушкувана, а последниот обид за заштита на нејзината комуникација е специјалниот телефон со чип правен во Германија.
Во српската БИА не сакаат да ги коментараат наводите за НСА, ниту да кажат дали имаат сознанија за тоа дека НСА од 2010 година, кога е добиена дозвола за собирање на доверливи податоци, прислушкувала во Србија.
„Вашингтон пост“’ вчера напиша дека американската Национална агенција за безбедност, судејќи според најдоверливите документи, била овластена да „пресретнува комуникации“ ширум Планетата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.