| четврток, 6 декември 2018 |

Јапонски бизнисмен: Данокот на добивка во Македонија од 10 проценти е многу конкурентен

Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, и владина делегација присуствуваа и се обратија на деловен форум во Токио, при што ги презентираа поволностите што нашата земја им ги нуди на странските инвеститори за отворање бизнис и нови работни места во Македонија. Форумот е организиран со групацијата „Фајненшл тајмс“, и на него присуствуваа менаџери од над 60 компании, претежно од областа на автомобилската индустрија, роботиката, хемиската индустрија, енергетиката, како и претставници на инвестициски фондови.

Премиерот Груевски во своето обраќање истакна дека Македонија е земја која нуди најниски трошоци за правење бизнис во Европа, има најнизок даночен пакет, поволна и образована работна сила, прави голем број реформи во намалување на процедурите за бизнисмените и создава добра деловна клима, и дека тој факт резултира во последно време со одлуки на голем број компании да отворат капацитети во Македонија или да ги прошират постојните. Тој ги повика јапонските бизнисмени добро да ги анализираат податоците и поволностите и да ја внесат Македонија во своите планови за ширење на капацитетите во Европа.

– Многу глобални компании дојдоа во Македонија и отворија нов бизнис, изградија капацитети и почнаа производство.  Најголем дел дојдоа од САД, Велика Британија и од Германија. Знам дека најголем дел од компаниите од Јапонија што одат во Европа, одат во Германија или во Велика Британија. Добра информација за вас е дека многу компании од Германија и од Велика Британија доаѓаат во Македонија, па размислете за овој факт и посетете ја Македонија за да се уверите во добрите услови за водење бизнис за кои зборувам – истакна премиерот Груевски во своето обраќање пред присутните.

Вицепремиерот Ставрески се осврна на поволните макроекономски податоци како параметар за креирање предвидливо деловно опкружување. Тој изрази и позитивни очекувања од презентацијата на поволностите.

– Имавме добра посетеност и очигледно од она што го слушнаа сметаат дека може да ја искористат Македонија како порта за европскиот пазар, да го пласираат својот бизнис во Македонија и оттаму да продаваат во Европа на пазар од 660 милиони потрошувачи – изјави Зоран Ставрески, вицепремиер на Владата.

Јапонските бизнисмени позитивно ја оценија презентацијата на македонскиот владин тим, а некои од нив изјавија дека ќе ја посетат Република Македонија.

– Во август ќе предводам делегација од 10 бизнисмени во Македонија, ќе престојуваме една недела, и сакам да иницирам бизнис во Македонија, заинтересирани сме за медицинскиот туризам – изјави Јуро Нагакава, претседател на Јапонската бизнис асоцијација.

Присутните бизнисмени од Јапонија позитивно ги оценија и поволностите кои нашата земја ги овозможува за инвеститорите.

 – Задоволен сум од она што го чув на презентацијата и по овој настан можам да кажам дека голем дел од присутните ќе се заинтересираат за Македонија. Данокот на добивка е 10% и е многу компетитивен, а и Владата е фокусирана и поттикнува странски директни инвестиции – изјави Хидејуки Такемура од јапонската компанија „Фуџикура ентерпрајз“.

Економскиот дел од владината посета на земјите на азискиот исток продолжува со деловен форум кој ќе се одржи во Сеул, главниот град на Република Кореја.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top