Цигарите од денеска поскапуваат како резултат на зголемувањето на акцизата. Додека дел од производителите не ги откриваат деталите, државниот тутунски комбинат од Прилеп веќе ги утврди новите цени. Сите марки на компанијата поскапуваат за пет денари, освен „рондо“, кој поскапува за три.
Тоа значи дека „бренд“ отсега место за 50 ќе се продава за 55 денари, а за исто толку ќе поскапат и „сан слимс“, „европа“, „19“, „филтер ориентал“ и „та2’. За 5 денари поскапува и „марлборо“, јавува „Економски“.
Од менаџментот на ТК Прилеп велат дека со зголемувањето на акцизата од 0,15 проценти по цигара невозможно е да апсорбираат трошоците, кои заедно со другите давачки се зголемуваат за околу 50 проценти.
Другите компании денес не откриваат дали и за колку ќе ги поскапaт цигарите, но неофицијално велат дека обично се следи ценовната политика на лидерот на пазарот.
Од „Империал тобако“, која ја има најпродаваната марка цигари во Македонија, „родео“, до овој момент не добивме повратен одговор на прашањето за цените пратено по е-пошта, пишува „Економски“.
Акцизата ќе расте секоја година во следните десет години
Ова е прво зголемување од утврдениот акцизен календар според кој акцизата на цигарите во Македонија етапно ќе се зголемува до 2023 година.
Тутунски компании велат дека календарот е добар потег затоа што ќе обезбеди предвидливост потребна за бизнисот и за цените.
И покрај десетгодишното покачување таа ќе остане значително пониска од акцизата во Европската унија.
Секоја компанија посебно ќе решава дали според тоа ќе ги поскапува цигарите.
– Данокот и акцизата со 75 проценти учествуваат во структурата на малопродажната цена на цигарите и затоа може да се очекува да се зголемат цените на цигарите. Сепак, акцизите не се единствен фактор во формирањето на цените. Голема улога има и конкуренцијата која е силна на македонскиот тутунски пазар, изјави минатата недела Мато Задро, претседател на УО на ТДР.
Од први јули ќе почне постапката на зголемување на акцизата за цигари за 0,15 односно 0,20 денари годишно до 2023 година. Проценките велат дека цигарите што се продават по 50 денари, за десет години би требало да чинат 90 денари.
Според производителите, во Македонија шверцот со цигари е исклучително мал и само 2% од пазарот додека во земјите од соседството тој просечно зафаќа 20%.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.