| четврток, 6 декември 2018 |

Кајакарите и гостите воодушевени од убавините на кањонот Матка

Македонија повторно ќе биде домаќин на големо натпреварување во кајак на диви води, по 10 години пауза и Европското првенство, сега на ред да ги презентираат своите квалитети се најголемите европски надежи во овој спорт. Патеката на Матка е подготвена за предизвикот да ги тестира можностите на јуниорите и сениорите до 23 години на континеталниот самит од 3 до 6 јули.

Во нашата земја веќе пристигнаа околу 370 натпреварувачи од 28 земји, а свеченото отворање е на 2 јули.

„Ми причининува особено задоволство што токму Матка и Македонија се домаќини на овој голем настан за нашиот спорт. Кањонот Матка е прекрасен, во природен амбиент, што нуди посебни услови за кајакот на диви води. Се повеќе има вештачки патеки, па затоа се радувам што погодивме во изборот за домаќин на ЕП за јуниори и сениори. Чистата вода од Треска и убавините на Матка се посебен предизвик. И за мене лично ова е специјален момент, бидејќи доаѓам на местото каде бев натпреварувач во 1977 година“, рече делегатот на ЕП, Словенецот Андреј Јеленц.

Матка е една од ретките патеки во природен амбиент, бидејќи во овој спорт се повеќе се инвестира во вештачки патеки. Европското првенство е можност и за промоција на убавините на Македонија, нешто што го истакна и директорот на Агенцијата за Млади и Спорт, Марјан Спасовски.

„Република Македонија ќе ужива во вистинско празнување на овој атрактивен спорт. Најголемите таленти со своите репрезентации ќе ни бидат на гости, што е добра можност и за промоција на убавините на нашата земја. Агенцијата за Млади и Спорт ги помага ваквите манифестации од значење за спортот во нашата земја, па и овојпат помогнавме со 500 илјади денари. Се надевам дека љубителите на кајак на диви води ќе уживаат заедно со нашите гости од странство“, изјави Спасовски.

Квалификациските натпревари ќе се одржат на 3 јули, а потоа следат полуфиналните и финалните натпревари во 4 дисциплини. Македонија има по тројца претставници во двете конкуренции, за јуниори и за сениори до 23 години, а ќе имаме претставничка и од понежниот пол во Кристина Бабунска.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top