Возбудувањата на Матка продолжуваат со несмален интензитет, а старата дама повторно за кус период ќе пречека екстра-квалитетни кајакари, овој пат во конкуренција на јуниори и на сениори до 23 години. По традиционалниот ИКАС, кој помина во одлична организација, сега на ред е Европското првенство за помлади кајакари. Матка од 3 до 6 јули ќе биде центарот на стариот континент во овој возбудлив и атрактивен спорт. На патеката за кајак на диви води во Скопје во тој период ќе се натпреваруваат повеќе од 400 учесници во неколку дисциплини, а најголемите надежи на европската сцена ќе се обидат да дојдат до медалите.

Ќе ги предводи актуелниот европски првак во сениорска конкуренција, Чехот Јиржи Прскавец, кој ќе се натпреварува на ЕП за сениори до 23 години. Опасни се и италијанските кајакари, и Германците имаат убава традиција во овој спорт и многу талентирани кајакари, како и Словаците, Полјаците и уште неколку нации, кои вложуваат огромни средства.
Во таква конкуренција македонската федерација успеа да се избори за организација на Европско првенство, прво по 10 години пауза. Во 2004 година на Матка се одржа ЕП за сениори. Овој пат ќе ги гледаме идните надежи на кајакот на диви води. Македонија ќе има шест претставници, по тројца во двете конкуренции.

На ЕП за сениори до 23 години ќе нѐ претставуваат Борче Мирчевски, Иван Делиев и Игор Стефановски, додека на шампионатот за јуниори боите на Македонија ќе ги бранат Александар Златаров, Мартин Лазаровски и Димитар Велков. Секој со свои амбиции, квалитет и надежи. Сите шестмина од 3 јули ќе тргнат во поход кон европскиот врв.
„Се надевам барем на полуфинале, односно на пласман меѓу најдобрите 30 кајакари. Да се стаса дотаму на вакво натпреварување е многу тешко. Потоа мислам дека ќе биде полесно, иако од полуфиналето имате само една можност, една трка за пробив понатаму. Тука можете и да ризикувате во обид да се пробиете во финалната рунда. Конкуренцијата е мошне силна, тука е двојниот европски првак во сениорска конкуренција, Прскавец, Италијанците, Чесите, Словаците и Германците имаат талентирани кајакари, а очекувам финалето да биде вистински спектакл на Матка“, вели Борче Мирчевски за „Република“. Младиот 22-годишен велешанец ќе биде еден од тројцата адути на македонскиот кајак на диви води на ЕП за сениори до 23 години.

Предност за нив е што ќе веслаат на домашен терен, на Матка, каде што им е познато секое делче од патеката. Но, конкуренцијата ќе биде пеколна. Елитата допатува во Скопје и е подготвена за предизвикот.
„Домашниот терен си носи предност за нас. Се подготвуваме на Матка од април, иако еден месец не трениравме поради проблеми со водостојот. Јас учествував и на Европското првенство за сениори во Австрија и се надевам дека ќе бидам успешен и во оваа конкуренција. Сите тројца сме со изедначен квалитет, а верувам дека и ние и нашите помлади колеги, јуниори ќе бидеме достојни претставници на Македонија од 3 до 6 јули“, додава Мирчевски.

Со него во Виена на ЕП за сениори беше и Иван Делиев, а долгиот стаж во овој спорт и домашниот „терен“ можат да бидат дополнителни адути на македонскиот секстет.
„Долго сум со овој спорт, од 14-годишна возраст, и верувам дека ќе го потврдам квалитетот со пласман барем во полуфиналето. Се надевам дека ќе нѐ има повеќемина од Македонија во завршницата. Сонувам настап на олимписки игри, со што би продолжила традицијата на нашите кајакари со учества на најголемиот спортски самит на планетата. Но, сега сум концентриран само на Европското првенство на Матка“, нѝ изјави Мирчевски.

Вели дека на спортот што има богата традиција во Македонија треба да му се посвети поголемо внимание и да се инвестира повеќе. Добро е што нашата земја годинава организира две значајни натпреварувања во европски рамки. На Матка во април се организираше традиционалниот Илинденски кајакарски слалом, односно популарниот ИКАС, а во јули ќе има ЕП за јуниори и за сениори до 23 години.
„Малку повеќе внимание за нас и со повеќе вложување би имале врвни резултати. Македонија е ценета во овој спорт во светски рамки, а Матка има големо реноме. Патеката е добра, но ѝ треба мала реконструкција за да ги следи модерните трендови. Верувам дека ќе бидеме добри домаќини, со добар успех и резултат и за нас шестмина“, заврши Мирчевски.
Од 3 до 6 јули на Матка ќе има натпревари во К-1, К-2, Ц-1 и Ц-2, со учество на повеќе од 400 натпреварувачи од повеќе земји од стариот континент.
(Пишува: Зоран Поповски
Текст објавен во 95. број на неделникот „Република“, 27.06.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


