| четврток, 6 декември 2018 |

Владата со нови мерки ќе и помага на бизнис заедницата

Нов сет мерки кои значат суштинска поддршка на бизнис заедницата во Македонија, донесе Владата на вчерашната седница.

Како што соопшти премиерот Никола Груевски на вчерашната прес-конференција првата мерка се однесува на усвојување на акцискиот план на Македонската банка за поддршка на развој, за почеток со реализација на четвртата евтина кредитна линија од нови 100 милиони евра, при што Владата ја субвенционира и каматата која изнесува максимум 5,5 проценти.

Од средствата, 15,3 милиони евра ќе се искористат за 66 претпријатија, а ќе може да се влечат од втората половина на јули 2014 година. Овие средства ќе бидат наменети за мали и средни претпријатија и тоа за компании кои со своите вложувања придонесуваат за порастот на вработувањата и на извозот. Со овие средства тие ќе добијат значајна финансиска поддршка за јакнење на нивните конкурентски способности на домашниот и на странскиот пазар, како и нивна ликвидност, рече премиерот Груевски.

Каматна стапка од само 5,5 % е фиксна, непроменлива за целокупниот период на отплата на кредитот. Рокот на отплата на кредитите е до 8 години за инвестициски кредити со грејс период до 1 година, односно до 3 години со грејс период до 6 месеци за кредити за обртни средства.

Како што појасни премиерот, 70 проценти од средствата ќе бидат распределени за финансирање инвестициски проекти, а остатокот за финансирање обртни средства. При тоа, 37 проценти ќе бидат наменети за преработувачката индустрија, 23 проценти за трговијата, а остатокот за транспортниот, за градежниот сектор и други. До крајот на 2014 се планира да се повлечат вкупно 40 милиони евра, а остатокот до крајот на 2015 година.

Со реализацијата на оваа четврта кредитна линија од 100 милиони евра се очекува да се отворат 2.150 нови работни места, подвлече шефот на Владата.

Како најзначајни ефекти од трите досега реализирани кредитни програми во вкупен износ од 250 милиони евра премиерот Груевски меѓу другото ги нагласи поддршката на 1.219 проекти на мали и средни претпријатија, отворените 5.303 нови работни места и подобрената ликвидност на голем дел од малите и средни претпријатија.

Како втора мерка во областа на економијата, која е донесена на денешната владина седница, а претставува и исполнување на ветувањето дадено за време на изборите, е усвоен Предлог-закон за прекршоци со кој се врши нивелирање на санкциите согласно економската моќ на субјектите – правните лица и трговците поединци.

Според Предлог-законот, нивелацијата ќе се врши врз основа на вкупниот приход од претходната фискална година и според просечниот број вработени врз основа на состојбата од претходниот месец, како и претходното поведение на субјектот.

По основ на критериумот вкупен приход остварен во претходната фискална година може да се изрече најмногу 70% од пропишаната глоба и тоа на следниот начин:

– за субјекти кои имаат приход од 0-500 000 денари – 10% од пропишаната глоба за тој прекршок. Во оваа категорија има 21.092 субјекта

– за субјекти од 500 001 до 1 000 000 – 20% . Во оваа категорија има 10.179 субјекти

– за субјекти од 1 000 001 до 3 000 000 денари – 30%. Во оваа категорија има 15 143 субјекти

– за субјекти од 3 000 001 до 6 000 000 денари – 40%. Во оваа категорија има 5 806 субјекти

– за субјекти од 6 000 001 до 20 000 000 денари – 50%. Во оваа категорија има 7294 субјекти

– за субјекти од 20 000 001 до 100 000 000 денари – 60%. Во оваа категорија има 4 106 субјекти

– за субјекти над 100 000 000 денари – 70% од пропишаната глоба за тој прекршок. Во оваа категорија има 1 489 субјекти.

По основ на критериумот просечен број на вработени, врз основа на состојбата на крајот на претходниот месец, може да се изрече најмногу до 20% од пропишаната глоба и тоа на следниот начин: од 0 до 9 вработени – 5%, од 10 до 49 вработени – 10%, од 50 до 249 вработени – 15%, над 250 вработени – 20%.

По основ на критериумот претходно поведение на сторителот може да се изрече најмногу 10% од пропишаната глоба и тоа на следниот начин: доколку субјектот нема изречено претходни санкции – 0%, доколку субјектот има изречени правосилни претходни санкции – 10%.

Висината на глобата се одредува како процент од пропишаниот износ на глобата. Одмерувањето на висината на глобата според претходно кажаните критериуми ќе се врши на начин што процентот од пропишаниот износ на глобата ќе претставува збир на сите проценти добиени во зависност од категоријата во која влегува сторителот по секој пропишан критериум.

Пример, ако е изречена глоба од 10.000 денари, а субјектот има приходи до 500.000 денари и до девет вработени, а нема претходни прекршоци, ќе плати 10 проценти од предвидената глоба или 1.000 денари и 500 денари глоба според бројот на вработените. Односно, вкупно 1.500 денари. Значи субјектот наместо 10 000 денари како што беше досега согласно досегашниот закон, сега согласно новиот закон ќе плати 1500 денари, рече премиерот Груевски.

Доколку се работи за поголем субјект, санкциите соодветно ќе се зголемат така што се добива димензија на правичност и правичност во изрекувањето на прекршочните санкции од страна на прекршочните органи.

Овие измени ќе донесат поповолни и пред се поправедни услови за работа на 65.109 субјекти, како и предвидливо опкружување, што ќе биде од голема помош за бизнис заедницата за унапредување на амбиентот за работа, подвлече премиерот.

На денешната седница Владата донесе одлука и со отпочнување на последната фаза од проектот за топ менаџери  со која ќе бидат опфатени 140 менаџери од домашни компании, кои ќе бидат испратени на едномесечна обука во странски компании и тоа во високо развиените земји. Менаџерите врз основа на јавен и транспарентен оглас во изминатиот период веќе се селектирани и ја имаат поминато теоретската обука.

Акцискиот план за реализација на овој проект предвидува почеток на постапка за изготвување техничка спецификација за објава на тендер за имплементација на проектот „Топ Менаџмент“, објава на тендер за изнаоѓање на субјект од странство преку кој ќе се реализира процедурата на изнаоѓање на странски компании кај кои домашните македонски менаџери ќе ја поминат практичната обука, најдоцна во септември 2014, и избор на најповолна понуда и потпис на договор во октомври 2014.

Потоа следи обука на првата група на 50-ина менаџери најдоцна до декември 2014, обука на втората група на 50-ина менаџери најдоцна до фФевруари 2015 и обука на третата група на 50-ина менаџери најдоцна до април 2015 година.

Со реализација на овој проект користа за домашните компании ќе се огледа во следното: менаџерите ќе го зголемат нивото на знаења и вештини, остварување на нови контакти од важност за бизнисот, продолжување на соработката со странската компанија и стекнување нови партнери, и имплементирање на подобрени и модерни решенија (организациски и технички) во домашната компанија, вели премиерот Никола Груевски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top