| четврток, 6 декември 2018 |

Светот исплашен од судирот меѓу Русија и Западот

Иако конференцијата што е одржана во февруари 1945 година во одморалиштето Јалта на Црно Море за голем број историчари е контроверзна, таа заедно со конференциите од Техеран во 1943 и од Потсдам во јули 1945 година ја даде рамката според која функционира светот, односно големите сили, со децении

goran-momiroski-kol-90x115

Колумнист: Горан Момироски

Петнаесетминутниот разговор на маргините на јубилејната прослава, 70 години од Денот Д во Нормандија, меѓу рускиот претседател Владимир Путин и американскиот Барак Обама, далеку од камерите на светските медиуми, не може да замени сериозно организирана средба на која тие ќе се договорат за начинот на кој ќе реагираат нивните земји за случувањата во Украина, но и за слични ситуации во иднина. Без договор меѓу суперсилите и нивните сојузници за тоа што е дозволено, а што не е дозволено во светската политика и дипломатија, Украина нема да биде последниот инцидент со огромни размери што ќе го види светот во наредните години и децении. Северна Кореја, Сирија и Иран се само дел од земјите што во блиска иднина може да бидат локациите каде што Кремљ и Вашингтон ќе си ги покажуваат мускулите, а невини луѓе, жени и деца ќе гинат во бесмислени конфликти без крај.

Тоа што Украина не е дел од вестите на светските телевизии не значи дека таму секојдневно не гинат луѓе, дел од нив вооружени сепаратисти, дел невини цивили, а најголем дел од нив не знаејќи дека се жртви на висока политика која еден ден ќе се договори за сите отворени прашања, а гробовите на тие што загинале во меѓувреме ќе сведочат за тоа колку, всушност, вреди обичниот човечки живот во периодот кога се договараат сферите на влијание меѓу суперсилите. Голем број историчари сметаат дека доколку Рузвелт, Сталин и Черчил се сретнеле и се договореле за поделбата на влијанија во текот на 1944 година, до крајот на Втората светска војна можеле да бидат спасени милиони животи.

Слично се случува и сега, стотици илјади луѓе се во опасност додека Обама и Путин не се договорат за случувањата во Украина и во Сирија сега, а утре можеби повторно на Балканот. Според процените на воени аналитичари, доколку судирот во источна Украина ескалира и во него Москва се вклучи подиректно, за еден месец во оваа земја би можеле да загинат десетици илјади луѓе, а да бидат раселени и преку еден милион Украинци и Руси. Овие бројки се за средно црно сценарио, целосен конфликт со употреба на атомски боеви глави може да донесе милиони жртви.

 

Светот се менува со драматична брзина

Според истражувањето на американскиот Центар за превентивна акција (Global Conflict Tracker), кој користел ставови и мислења на 1.200 експерти, професори и претставници на администрацијата во Вашингтон и сознанија прибрани од платформи на социјалните медиуми во јануари 2014 година, Украина не беше посочена како „експлозивна“ локација на светската мапа.

Во првата група опасности што се закана за САД се Сирија, можноста од кибернетски напад на Америка, иранската нуклеарна криза, масовни терористички напади на американска почва, нестабилноста во Пакистан и насилството во Авганистан. Во оваа најопасна група годинава влегоа и засилената Ал Каеда на арапскиот полуостров како резултат на нестабилноста во Јемен, воените провокации од Северна Кореја, граѓанската војна во Ирак поради судирот меѓу сунитите и шиитите, како и зголемената нестабилност во Јордан поради ефектите од војната во Сирија.

Во втората група запаливи конфликти се кинеско-јапонскиот спор за островите Шенкаку и спорните морски површини во Јужно Кинеско Море, опасноста од насилство во Централноафриканската Република и продолжениот конфликт во Сомалија.

Во следната група спаѓаат судирот меѓу будистите и муслиманите во Мјанмар, насилствата во Бангладеш, кинеско-индиските гранични инциденти и продлабочената политичка криза во Венецуела. Опасност за поголем конфликт за 2014 година не се предвидува во Демократската Република Конго, како и во Кенија, Зимбабве, Саудиска Арабија, Бахреин, а ниту можната воена конфронтација меѓу САД и Пакистан не е на листата иако тие минатата година беа дел од истражувањето како потенцијално опасни места.

 

Малите земји се најдоа во небрано

Она што нас најмногу нѐ интересира е како во ваква ситуација треба да се постават малите земји, односно Македонија. Државата мора да се грижи за своите главни приоритети – влез во НАТО и во ЕУ – мора да инсистира на меѓународното право кое е единствено нејзино достапно оружје, а во исто време да не ја налути Русија, која е членка на Советот за безбедност што ја признава Македонија под уставно име, а има силно влијание врз најмалку десетина земји што го следеа нејзиниот потег.

Најдобрата варијанта што засега ја следи Македонија е да молчи и да чека разврска, а во исто време да ги следи своите интереси без да ги провоцира двете страни. Но, тоа може да се случи само доколку Путин и Обама имаат вистински план за смирување на состојбата. Доколку двете страни влезат во нов круг дипломатско насилство и состојбата ескалира, не се исклучува Македонија да мора јавно да избере страна, а тоа веќе, од очигледни причини, е јасно дека нема да биде Русија. Гласањето за резолуцијата со која се бараше зачувување на територијалниот интегритет на Украина беше принципиелен став на Македонија и за тоа Москва нема да се лути. Но, кој гарантира дека Путин нема да ја стави Македонија на црната листа доколку Брисел и Вашингтон побараат од неа да воведе санкции за Русија, и покрај тоа што е свесен дека официјално Скопје нема можност да избира.

Како практично би изгледала позицијата на Македонија ако се вжештат односите меѓу Западот и Русија најдобро може да се види преку примерот со „енергетската војна“ меѓу Брисел и Москва околу гасоводот „Јужен тек“. Во ек на конфликтот меѓу ЕУ и Бугарија, која мораше да го прекине проектот што му дава стратешка предност на Путин во однос на европските членки, во Скопје беше организирана конференција на тема енергетски коридори со акцент на руската улога во снабдувањето на Европа со гас. Македонија, се разбира, избегна јавно да го каже својот став и тоа засега е прифатливо затоа што таквиот (не)став не предизвикува никаква штета за ниедна од инволвираните страни. Прашање е што ќе се случеше ако конфликтот во Украина почнеше по изградбата на гасоводот, а Македонија најголемиот дел од енергијата за својата индустрија ја базираше на рускиот гас, што реално можеше да се случи за две-три години.

 

Три сценарија за Украина

Според најлошото сценарио, Западот и Русија по инволвирањето на руската армија и на силите на НАТО би можеле да почнат директен судир, кој би довел до употреба на нуклеарно оружје. Колку ова сценарио е можно, пред сѐ, зависи од умешноста на новиот претседател Петро Порошенко, кој ќе мора да игра двојна игра и со Москва и со Вашингтон во обид да ја запре поделбата на земјата. Неуспехот на поранешниот претседател Виктор Јанукович да ја повтори играта на Тито со Југославија веќе ја донесе земјата пред граѓанска војна. Граничната позиција на Украина меѓу НАТО и Русија во исто време е опасност, но и можност да се најде рецепт за сите потенцијални инциденти меѓу Западот и Москва и да се продлабочи економската соработка. Тоа, всушност, е најдобрата варијанта, како што коментираат и дел од западните медиуми. Се разбира, ова сценарио не е можно без консултација со Кина и со Индија, кои би можеле да се исплашат од партнерството меѓу САД, ЕУ и Русија. Во секој случај без брз договор ќе растат и тензиите на други локации каде што суперсилите имаат свои интереси, а во источна Украина ќе продолжи катастрофата во која најмногу ќе гинат и ќе страдаат цивили. Аналитичарот Сет Баум вели дека од Русија и од нејзините вистински интереси да се дојде до мир зависи кое сценарио ќе биде избрано. Во секој случај, не смеат да се занемарат воените производствени капацитети во источна Украина на чии потенцијали почива огромен дел од руската армија. Ниедно од сценаријата засега нема одговор како единствена Украина може да стане членка на НАТО, а во исто време Москва да има контрола на воените инсталации на украинска територија.

 

Македонија веќе избра страна

Иако историјата покажува дека поделбата на сферите на интерес со конференцијата во Јалта предизвика огромна трагедија за македонскиот народ во Грција, кој, за разлика од Македонците во Вардарска Македонија, остана во делот контролиран од западот на Македонија, одговара и брз договор меѓу Путин и Обама. Во спротивно, повторно може да се случи и Македонија, заедно со Србија и Босна и Херцеговина, да стане монета за поткусурување во некоја идна поделба на сфери на влијание. Сѐ почестите сценарија за редефинирање на картите на Европа и на Балканот, кои излегуваат и од руските и од западните геостратегиски кујни, укажуваат дека принципот на неменливост на границите што беше поставен со Дејтонскиот договор сѐ повеќе губи од својата сила. Затоа за Македонија е најдобро сценариото со јасни правила на игра во кои почитувањето на меѓународното право е суштински принцип кој сите се обврзани да го почитуваат. Сѐ друго е голем ризик и за стабилноста на земјата, но и за територијалниот интегритет и суверенитет, како што е запишано во Уставот.

 

(објавено во 94. број на неделникот „Република“, 20.06.2014)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top