
Лондон ја погоди Атина во Ахиловата петица, која е симбол за слаба точка, ранливост или високо ниво на чувствителност. А слаба точка на Грција со децении ѝ е уставното име на нашата земја. Токму неговата употреба беше причина за неучеството на Грција на престижниот глобален самит „Запирање на сексуалното насилство за време на конфликт“, кој се одржува од 10 до 13 јуни во британската престолнина.
Сепак, во целата политичка грчка трагикомедија најинтересен беше фактот што додека Велика Британија ја гаѓаше Грција во Ахиловата петица, на местото на настанот (за Грците злосторникот) беше и Ахил. Светот одамна ги препознава ликовите од литературата и од историјата според нивните најрепрезентативни претставници на големото платно, односно по актерите што ја играле нивната улога. За несреќа на Грција, Хомеровиот јунак Ахил, со кого тие толку многу се гордеат, пред светот е возобличен токму во Бред Пит.
За трагедијата, пак, да добие драстични и хистерични размери за Атина, која сѐ уште живее во историјата, а за што добар доказ се односот кон нашата земја и сите вета и блокади, домаќинка на самитот во Лондон беше сопругата на Пит, актерката и пратеничка на ООН, Анџелина Џоли. Симболиката со неа е уште пострашна за грчките самобендисани политичари заглавени во историјата бидејќи светот ја препознава по улогата на Олимпија, мајката на Александар Македонски. Односно, секогаш кога некој ќе помисли на Ахил, го замислува Бред Пит, а олицетворение на Олимпија за жителите на Земјината топка е Анџелина Џоли. Во целата приказна недостигаше само уште Колин Фарел, кој играше заедно со Џоли и го глумеше Александар Велики. Малкумина се сеќаваат на Ричард Бартон кој, исто така, го глумеше Александар, но тој, барем за ексјугословените, останува филмскиот Тито. Присуството на Фарел во Лондон, едноставно, ќе беше премногу за Грција…
Вилијам Хејг, британскиот шеф на дипломатијата, кој беше кодомаќин на престижниот настан, ја даде политичката тежина на грчкиот пораз, со кој во рок од само десетина дена Македонија победи со 3:0. Другите две победи ни ги донесе ракометната репрезентација, но тоа не го намали фактот за победа во Атина, Скопје, па и во Лондон. Скептиците ќе речат дека е невкусно мешањето на спортот и на политиката, но дегутантноста на целата игра ја наметна Грција, која, поради употребата на нашето уставно име, го откажа учеството на најголемиот светски настан против сексуалната злоупотреба на жената. За да биде поголема мизеријата, самитот го бојкотираше и Кипар, кој реално е втора грчка држава и чии жители се – Грци.
Грција виде тројански коњ во самитот
Веста за самитот мина млако низ македонските медиуми, без поголемо внимание, дел од шегобијците пренесоа и дека Анџелина Џоли нѐ признала под уставното име. Пренебрегнувајќи го фактот за ударот што овој настан им го донесе на нашите емотивни соседи. Очигледно, нишката на шоу-бизнис, предизвикана токму со присуството на Џоли и на Пит, го надвладеа моментот што организатор на настанот беше британското МНР, а токму Форин офисот е стожерот на една од највлијателните членки во НАТО и во ЕУ. Тежината ја зголемува и фактот што Грција го стори тоа во време на претседавање со ЕУ или, како што сметаат многумина, крајот го краси делото. Гледано од страна и имајќи предвид во каков историски филм живеат нашите соседи, особено нивните политичари, најверојатно во лондонскиот самит видоа дел од грчкиот фолклор, поврзан токму со ликот на Ахил и со Хомеровата „Илијада“. Според реакцијата, луцидниот ум на официјална Атина во учеството на ваков глобален настан за заштита на жените од сексуално насилство во конфликт виде тројански коњ, зачинет со уставното име на нашата земја.
Кога велат дека основата на вашето постоење, а во овој случај дипломатија, е правењето сплетки и заговори, нормално е и вие да очекувате од другите таков пристап, колку и да не е вистина тоа.
Сепак, Грција едноставно не можеше да се понижи и да прифати да учествува заедно со Македонија, која овој пат, за промена, беше рамноправна и претставена со уставното име. Потегот, кој најверојатно бил протолкуван како низок или удар „под пазуви“, не го издржаа ниту нивните сонародници од Кипар, кои во обидот да дадат „масовност“ на бојкотот, во својата неинвентивност и патетика по малку личеа на опозицијата од земјата чие име не го признаваат. Евангелос Венизелос, пак, кој беше поканет да присуствува на настанот, не смогна сили за овој чин, а набргу по него истиот антимакедонски симптом го зафати и кипарскиот министер Христофорос Фокаидис.

Дополнителна, голема душевна болка на нашите соседи им создаде средбата на македонскиот шеф на дипломатијата, Никола Попоски, со Бред Пит и со Анџелина Џоли. Поразителен беше и делот во кој се пренесе дека зборувале за Македонија и дека Пит знаел многу работи за нашата земја. Во текот на разговорот им се придружила и сопругата Џоли. Попоски, барем во умот на Грците, се нашол во пријатен разговор со Ахил и со Олимпија.
Лазаров оптимист, Боцевски не очекува ништо од Велс
Случајно или не, но прикаската со самитот во Лондон доаѓа на речиси три месеци пред самитот на НАТО во Велс. Иако, токму новиот министер за одбрана, Зоран Јолевски, во првите изјави истакна дека на Македонија не ѝ е потребен самит за да добие членство, но познавачите на состојбите своите очекувања ги темелат токму на собирот во Кардиф. Дали употребата на уставното име на државата токму во Велика Британија, мал временски период пред високата средба на алијансата, има предзнак на позитивни настани за Македонија или, сепак, сето тоа е утопија. Македонија пред речиси еден месец почна затскриена дипломатска офанзива, во која најпрво претседателот Ѓорге Иванов беше на инаугурацијата на Петро Порошенко во Киев, а набргу за прв човек на одбраната беше назначен амбасадорот во САД, Зоран Јолевски. Двата чекора се протолкуваа и како македонско приближување кон Вашингтон, а ги даде ли самитот во Лондон првите резултати? Поврзаноста на двете земји е неспорна, особено во НАТО и на воен план. Во меѓународните кулоари, токму Велика Британија се смета за десна, а често и за продолжена рака на САД во остварувањето на геостратегиските интереси на најмоќната држава. Македонските познавачи на состојбите со спротивставени мислења и очекувања.
Дали актуелната геополитичка констелација, предизвикана од случувањата поврзани со Украина, отвора простор за Македонија? Професорот по меѓународно право Лазар Лазаров е оптимист. Вели, на Вашингтон и на Лондон им е дојдено преку глава од однесувањето на Атина.
Лазаров: Оптимизам мора да постои, но прашањето е колку тој е реален. Не само поради кризата во Украина, туку и поради придонесот на Република Македонија во воените мисии, кои одат во прилог на тоа нашата земја да стане членка на НАТО. Ние даваме поголем придонес од многу земји вклучувајќи ја и Грција, имаме значително поголемо учество во мировните мисии. Кај мене преовладува оптимизмот. И Македонија му е потребна на НАТО, и не само на НАТО, туку и на ЕУ, а сето тоа е поврзано со состојбите на Балканот. Ставот на САД е најважен. Сепак, за жал, демократите се помалку наклонети кон Македонија од републиканците. Штета што самитот на НАТО во Букурешт се случи кога мандатот на Џорџ Буш беше при крај. Но, мислам дека сега се исполнети сите услови и очекувам помош од САД и од Велика Британија.
Токму Велика Британија, на настан чиј домаќин беше нејзиниот шеф на дипломатијата Вилијам Хејг, ја именување Македонија под уставното име. Поради тоа, учеството го откажаа Грција и Кипар. Мислите ли дека тој чин е поврзан со нивното расположение за Македонија во НАТО?
Лазаров: Да, тоа е јасен знак и значи дека Грција ги губи позициите. На Велика Британија и на САД им е дојдено преку глава од неразумното однесување и од ставот на Атина кон Македонија. Тоа е предзнак за работите што следуваат.
Самитот на НАТО во Велс од македонска перспектива се гледа единствено низ призма на македонската апликација за членство во НАТО, вели аналитичарот Ивица Боцевски, кој очекува продолжение на игнорантскиот однос кон Македонија.
Боцевски: Во однос на прашањето за Македонија, јас сметам дека не треба да очекуваме воопшто ништо од самитот на НАТО. Нема никакво поместување на грчките позиции кон Македонија. Антонис Самарас, архитектот на грчката шовинистичка политика кон Македонија, останува премиер на Грција. Тој во очите на грчката елита, но и на многу меѓународни кругови, е единствената брана пред подемот на СИРИЗА, партија што сака да го преосмисли не само грчкиот однос кон еврото, туку и грчкиот ангажман во ЕУ и во НАТО. Како таков, Самарас останува неопходен за продолжување на актуелната политика, па не верувам дека некој ќе се осмели дополнително да го оптоварува и со македонското прашање.
Нормално, како и секогаш во изминатите четвртина век, притисоците кон Македонија и кон нејзиното раководство ќе продолжат, но и игнорантскиот однос на меѓународната заедница кон македонските чувствителности врзани со прашањето за името. Најпластичен опис на овој игнорантски однос се изјавите на генералниот секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен, во врска со прашањето за името. Таква дрскост и бесчувствителност кон иден потенцијален партнер е пример за скандалозно однесување. Притисоци ќе доаѓаат во различни форми. Од понижувачки аргументи, од типот „тие се внатре, а вие надвор“ или „знаеме дека не е фер, но животот не е фер“, преку „не е само до името“, па сѐ до убедувањата дека „не се работи за идентитетот“.
Според Боцевски, колку повеќе се употребуваат овие аргументи, толку повеќе расте и се хомогенизира ставот на македонските граѓани дека не доаѓаа предвид да се прифати решение на спорот кое ќе биде недостоинствено и понижувачко за Македонија.
Боцевски: На самитот, веројатно, прашањето за Македонија ќе биде актуализирано од неколку пријателски земји од централна и од источна Европа (Словенија, Чешка Република, Полска, Словачка …), но на крајот ќе се повтори заклучокот од Букурешт дека членството за Македонија е отворено и ќе се реализира веднаш штом ќе се реши спорот за името.
Така што простор за оптимизам нема, а јас се надевам дека, за разлика од Букурешт, овој пат македонските политичари, дипломати, аналитичари и новинари нема да западнат во еуфорија и ширење лажна надеж кои се потпалуваат од определени дипломатски кругови. Нашите граѓани не заслужуваат така да се манипулира со нив.
2004 – годината кога се снимаа филмовите и состојбите во Македонија
„Троја“ и „Александар“ ги обединува и годината на снимање. Двата филма, кога Бред Пит и Анџелина Џоли сѐ уште не беа двојка, се снимени во 2004 година. Тоа е годината во која во Македонија трагично загина претседателот Борис Трајковски, а Бранко Црвенковски беше избран за нов шеф на државата и година кога беше спроведена територијалната организација, попозната како територијална поделба. Токму во таа „општинска“, децентрализирана поделба на државата, главната улога во пропаста на референдумот против поделбата ја одиграа САД. Вашингтон беше директен учесник во резултатот на референдумот, а тоа го постигна токму преку признавањето на нашето уставно име на само еден ден пред гласањето. Еуфоријата од признавањето на САД, која тогаш ги зафати граѓаните, дополнително „навлечени“ и од кампањата која тогаш ја предводеше Радмила Шекеринска и гласеше „Некои прашања не заслужуваат одговор“, доведе до заслужена албанизација на Кичево, Струга и на Скопје. Во тоа време, пак, грчкиот шеф на дипломатијата, Евангелос Венизелос, беше министер за култура и спорт во владата на Костас Симитис.
„Троја“ и „Александар“, кои излегоа оваа година, едниот во режија на култниот Оливер Стоун, другиот под палката на Волфганг Петерсен, забележаа огромен успех на благајните и влегоа меѓу 100 најгледани филма на сите времиња. Токму огромната слава и гледаност на овие високобуџетни филмови создаде од актерите синоним за ликовите што ги глумеа.
(Пишува: Љупчо Цветановски
(Текст објавен во 94. број на неделникот „Република“, 20.06.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст






„Троја“ и „Александар“ ги обединува и годината на снимање. Двата филма, кога Бред Пит и Анџелина Џоли сѐ уште не беа двојка, се снимени во 2004 година. Тоа е годината во која во Македонија трагично загина претседателот Борис Трајковски, а Бранко Црвенковски беше избран за нов шеф на државата и година кога беше спроведена територијалната организација, попозната како територијална поделба. Токму во таа „општинска“, децентрализирана поделба на државата, главната улога во пропаста на референдумот против поделбата ја одиграа САД. Вашингтон беше директен учесник во резултатот на референдумот, а тоа го постигна токму преку признавањето на нашето уставно име на само еден ден пред гласањето. Еуфоријата од признавањето на САД, која тогаш ги зафати граѓаните, дополнително „навлечени“ и од кампањата која тогаш ја предводеше Радмила Шекеринска и гласеше „Некои прашања не заслужуваат одговор“, доведе до заслужена албанизација на Кичево, Струга и на Скопје. Во тоа време, пак, грчкиот шеф на дипломатијата, Евангелос Венизелос, беше министер за култура и спорт во владата на Костас Симитис.