Темни облаци (и буквално и метафорично) надвиснале над Македонија. Тешко е да се најде светол пример, но опозициската „дезертерка“ Роза Топузова-Каревска е близу до таа квалификација. За секоја почит е нејзината одлука да не ја послуша партиската директива на оние што се покажаа како најголеми и колективни дезертери од политичката битка – напиша професорката Биљана Ванковска во нејзината колумна.
Близу до светлиот пример се уште две жени – Солза Грчева и Љубица Буралиева. Се споменува и името на Самка Ибраимовски, кој ќе го прифати мандатот доколку му биде понуден со оглед на тоа дека е на една од кандидатските листи на опозицијата. Тие периодов се соочуваат со голем притисок поради својата одлука за политичко дезертирање. Застанаа против партискиот став или коалицискиот став за непризнавање на изборните резултати. СДСМ беше незадоволен и од резултатите од локалните избори кога освои градоначалнички места што можат да се избројат на една рака. Тогаш изборите не беа фер, ама резултатите се признаа.
Роза Топузова-Каревска е опозициска дезертерка, која ги поттикна останатите да размислат за ставот на двоецот Заев-Шекеринска. ЛДП не ја исклучи од партијата. Остана во редовите на истата партија зашто ЛДП дозволува човек да размислува со своја глава. Статутот не дозволува исклучување од членството. Подоцна со своја глава размисли и Андреј Жерновски, лидерот на ЛДП.
– Апсолвирано е прашањето дека луѓето се разочарани. Сметам дека сѐ уште не се уверени оти опозицијата е подобра алтернатива. Јасен е притисокот врз јавноста, но сметам дека голем удел во тоа што ВМРО-ДПМНЕ е сѐ уште на власт има и опозицијата со немањето адекватна стратегија и организираност – посочи Жерновски.
Грчева и Буралиева тргнаа по нејзиниот пат. Но, притисокот си го прави своето. Љубица Буралиева е свесна дека демократскиот предзнак на политичката опција на која ѝ припаЃа и која ѝ ја даде доверба за да ја бара довербата на граѓаните подразбира и слобода на размислување и лични ставови во однос на конкретни потези до единствена цел. За неа вонинституционалниот бојкот е неприфатлив поради што се одлучи за дезертирање. Но, ја растегнаа поради нејзината одлука. Солза Грчева еднаш дезертираше од ЛДП во СДСМ.
Сега незадоволството во СДСМ зема големи размери, што е и причина за многумина да дезертираат или да се стават во сенка.
– Вистинскиот гнев кај најголем дел од членството лежи во хипокризијата на ова политичко раководство, во неговата превртливост и опортунизам. Потоа, на тоа можеме да го додадеме фактот дека најголем дел од членовите на СДСМ не гледа решение во двоецот Заев – Шекеринска, не смета дека има политичко знаење и моќ нешто да промени. Конечно, таквата состојба се потврди со катастрофалниот резултат на изборите, каде што СДСМ загуби огромен процент од тврдите гласачи и верувам дека конфузијата што ќе следува допрва, неизбежните поделби, само ќе го зголемат тој дефицит кај електоратот на опозицијата – вели политикологот Ивор Мицковски, кој до неодамна беше активен член на СДСМ.
Буралиева на ражен
Што ќе правите Вие во Собранието, госпоѓо Буралиева? Патем, кого ќе застапувате? Не заборавајте, не сте избрани на мнозинска листа. Инаку, ова што го кажувате држи колку решето вода, коментираа на „Фејсбук“ поддржувачите на социјалдемократите откако Буралиева најави дека ќе го прифати мандатот.
Други, пак, велеа дека двоецот Заев-Шекеринска е недораснат за да води и да организира силна партија, а ваквите чекори се само доказ за тоа.
Сепак, Бурачиева беше ставена на ражен: „Пратениците на опозицијата не ја почитуваат партиската одлука за бојкот и повеќе би седнале на пратеничко столче отколку да ја оправдаат довербата од граѓаните и да ја испочитуваат партиската одлука. Со оваа одлука тие само покажуваат дека материјалните интереси им се пред партиските“.
Друго лице, кое својот профил на „Фејсбук“ го украси со фотографии од лидерот на СДСМ, Зоран Заев, и со обележја на оваа партија, на ѕидот на Буралиева напиша:
„Најмалку од тебе очекував ваков потег. После сѐ, размисли дали вреди да се избламираш и да си го извалкаш образот пред народот“.
Буралиева за својата одлука на социјалната мрежа „Фејсбук“ напиша:
„Промена за нов почеток, став со кој влегов и опстојувам како социјалдемократ , како човек со личен интегритет и кој живее во систем на загубени вредности, на крајна недемократичност на сите нивоа, во општествен амбиент неподнослив за достоинствен човечки живот. Борбата е јасна и недвосмислена, но демократскиот предзнак на политичката опција на којашто ѝ припаѓам и која ми даде доверба за да ја барам пак довербата на граѓаните , подразбира и слобода на размислување и лични ставови во однос на конкретни потези до единствената цел. Одлуката на највисоките органи на СДСМ за бојкот и неприфаќање на изборните резултати ја поддржувам безрезервно, без трошка дилема (став на 33 пратеници на здружената опозиција), но вонинституционалниот облик, формата на бојкот, за мене е неприфатлив (личен став што го изнесов кога за тоа имавме можност, по веќе донесената одлука на партиски тела).
Таа е дезертер, дезертира од политичкото дезертерство на раководството, кое побегнало уште пред одржувањето на изборите, свесно дека изборите ќе бидат само бламажа за опозицијата“.
Јакимовски, Бузлевски, Бучковски
На дезертирањето на трите дами им претходеше Стевче Јакимовски, сега веќе лидер на ГРОМ. Тој не се согласи со тогашниот лидер на партијата, Бранко Црвенковски. Јакимовски, спротивно на партиската одлука, на која подоцна не остана доследна ниту самата партија, поднесе кандидатура за градоначалник. Се кандидираше преку Српската радикална странка на Драгиша Милетиќ. Тогаш посочи дека народот дава власт, народот ја зема власта. Никој не смее да се подигрува со волјата на народот. Во последниот случај СДСМ си поигра со гласот на оние што решиле да им ја дадат довербата, да гласаат за тие да влезат во Собранието.
– Некој реши да не го почитува мојот глас. Гласав за опозицијата, која реши да не го почитува мојот глас и да го отстапи местото кое сме ѝ го донеле на избори на друг. Повеќе нема да гласам за некој што не ги почитува гласот и волјата на народот – коментира четириесетгодишен гласач, со чиј став се согласуваат најголем дел од независните гласач кои на овие избори се одлучиле да го заокружат редниот број на СДСМ.
Спротивно на одлуката на партијата постапи и Димитар Бузлевски, кој, исто како Јакимовски, не се согласи со ставот на партијата да не се оди на локални избори. За разлика од Јакимовски, Бузлевски немаше многу среќен крај, односно беше исклучен од партијата, Ресен не го доби, но го поддржа Заев во неговата кандидатура за лидер на партијата и се врати назад.
Поради несогласување со политиката на раководството во времето на Црвенковски, од партијата беше исклучен и поранешниот премиер и министер за одбрана, Владо Бучковски. И тој застана спротивно на партиските одлуки поради што беше исклучен од партијата. Во социјалдемократската партија никој нема право на демократија. Денес „непослушниот“ Бучковски има нова партија – Алијанса за позитивна Македонија.
Спротивно на ставовите на партијата застана и Есад Рахиќ во СДСМ. Тој ја критикуваше партијата поради што беше отстранет од членството.
– Една опозициска партија која треба да биде алтернатива на тоталитарната и, би рекол, дури и фашистичка власт, санкционира поинакви размислувања во својата партија – изјави Рахиќ во 2007 година.
Претходно тоа му се случи и на македонскиот амбасадор во НАТО, Нано Ружин, кој дојде во судир со партиското раководство по понудата од тогашниот претседател Борис Трајковски да стане министер.
„Непослушниците“ од ЛДП и од НСДП
Дезертираше и Лилјана Поповска од ЛДП бидејќи партијата ѝ беше лута затоа што во нејзиниот пратенички мандат работела спротивно на партиската стратегија.
– Моето повлекување од пратеничката група е поврзано со долготрајно несогласување со вкупната политика што ја поддржуваме како пратеници, како и со моето спротивставување да гласам против својата волја и убедување, со безрезервно следење на партиските директиви. Во време на децентрализација на земјата, ние извршивме комплетна централизација на раководењето на партијата – посочи Поповска во 2005 година, која подоцна ја формираше ДОМ.
Откако Поповска застана спротивно на партиските одлуки и ставови, ѝ се придружија неколку сопартијци. Меѓу нив беше и сегашната заменик-министерка за екологија, Соња Лепиткова. Таа замина непосредно пред крајот на пратеничкиот мандат поради разочарувањето во ЛДП, кое кулминирало со Законот за стечајците.
Од таа партија, поради несогласување со политиката, претходно си замина Стевче Јакимовски, кој, пак, дезертираше и од СДСМ.
– Во досегашното работење во ЛДП не ми нафрлаа многу топки, туку најчесто сам си создавав шанси за гол. Работите во земјава не одат во добра насока и потребно е да се создаде сериозна алтернатива на актуелната власт. Се надевам дека во најголемата опозициска партија ќе имам повеќе простор за дејствување, што ми беше оневозможено во ЛДП – изјави Јакимовски во 2009 година.
Веле Митановски, Лазар Еленовски и Вера Рафајловска беа исклучени од партијата предводена од Тито Петковски, НСДП. Причина беше противењето НСДП да биде дел од коалицијата „Сонце“, предводена од СДСМ, за време на парламентарните избори во 2006 година.
– Таквиот потег ја уби демократијата во НСДП и, воедно, тоа ќе значи и погребување на партијата, која прва се заложи за отворено фракционерство – изјави во 2006 година тогашниот министер за одбрана, Лазар Еленовски.
Добриот кадар на Љубчо замина кај Груевски
Некогаш се трудеа да бидат најголема опозициска партија, но тоа не им успеа. ВМРО-народна партија на Љубчо Георгиевски имаше добар млад кадар, но лошо поставени работи. Откако Ѓорги Трендафилов беше поставен за лидер на партијата, од партијата си заминаа многу клучни имиња, кои подоцна станаа носители на државни функции.
Некогашниот лидер на младите во партијата на Георгиевски, Спиро Ристевски, стана министер за труд и социјална политика, по што замина во Министерството за образование.
Јован Андоновски, некогашниот генерален секретар на ВМРО-НП, отиде во ВМРО-ДПМНЕ, од каде што влезе во Министерството за одбрана, па во евроинтеграции. Претседателката на Унијата на жени од ВМРО-НП, Валентина Божиновска, исто така, замина од оваа партија. Александар Ѓоргиевски, портпаролот на Владата, своевремено беше портпарол во Народна, но по доаѓањето на новото раководство овој круг беше „непослушен“. Подоцна истото го направи и Марјан Додовски.
(Пишува: Билјана Зафирова
Текст објавен во 94. број на неделникот „Република“, 20.06.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст