| четврток, 6 декември 2018 |

Ховит ги убеди европарламентарците да почекаат со гласањето за Македонија

Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент ја прифати препораката на пратеникот Ричард Ховит и го одложи гласањето за Резолуцијата за Република Македонија

 

Комисијата денеска расправаше за 203-те амадмани поднесени на Предлог-резолуцијата претставена од известувачот Ховит, при што се разви дебата во која се допре и македонскиот идентитет, но на крајот беше договорено да се одложи гласањето додека не се реши политичката криза во земјата, пренесува МИА од Брисел.

– Кризата што настана по случувањата на 24 декември минатата година не се надминува. Двете главни политички партии во земјата се обвинуваат меѓусебе, а опозициската СДСМ го напушти Парламентот и се заканува со бојкот на локалните избори. Останува моето мислење дека Македонија има историска можност во јуни да добие позитивна препорака за почеток на пристапните преговори од Европскиот совет, но само ако се реши ситуацијата, која може да го уништи прогресот на земјата обезбеден изминатите години, истакна известувачот за Македонија на почетокот на дебатата во Европарламентот во Брисел.

Ховит повтори дека ЕП не верува во бојкот на избори, по што побара одложување на гласањето за Резолуцијата за неколку недели, посочувајќи дека тоа го прави со цел АФЕТ и ЕП да дадат позитивна препорака за земјата, а дека поради сегашната ситуација е можно да се добие негативен извештај.

– Имам надеж дека одложувањето на овој извештај ќе испрати јасен сигнал до партиите во Скопје дека ја поддржуваме земјата, но сакаме решение на политичката криза. Гледам и дека денешните иницијативи за помирување не поминаа и дека еврокомесарот за проширување Штефан Филе има одлична комуникација со политичките лидери и сака решение на политичката криза во земјата. Сакам луѓето, организациите, општеството во оваа земја да сфатат колку е сериозна оваа криза и време е политичките партии да го стават интересот на земјата пред партискиот, истакна Ховит.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top