Од 1 јули ќе стапи во сила измената на режимот на сообраќај на државните патишта, со која ќе биде забрането движење на тешките товарни возила над 15 тони во текот на викендите и во екстремно жешките денови. Забраната се спроведуваше и изминатите две лета, а и годинава, како и претходно, ќе стапи во сила до 31 август.
Според информација од Министерството за транспорт и врски, се забранува сообраќај на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони за време на деновите од викендот и за денови при екстремно висока температура.
Забраната за деновите од викендот е: во петок од 17 до 22 часот; сабота од 9 до 18 часот и недела од 9 до 22 часот.
Во деновите со екстремно висока температура, определени од Министерство за здравство, забранaта ќе важи и од понеделник до четврток од 11 до 17 часот.
Ограничувањето не се однесува на возила кои превезуваат животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури и леснорасиплива стока, нафта и нафтени деривати, превоз на опасни материјали и возила кои вршат превоз за компании кои имаат склучено договори за изведување проекти на државните патишта со ЈП за државни патишта.
За регулирање на сообраќајот и воспоставување на изменетиот режим, поставена е соодветна сообраќајна сигнализација.
Покрај ова, има уште една дополнителна забрана – на патниот правец Гостивар – Охрид – Гостивар од 1 јули стапува во сила ограничениот режим на движење за тешки товарни возила над 7,5 тони. Ограничувањето на движењето е во следните периоди: петок од 15 до 24 часот, сабота и недела 70-24 часот. Овој режим на движење ќе важи до 1 септември.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



