| четврток, 6 декември 2018 |

ЕК: „Заштитната клаузула“ сѐ уште во игра

лажни азилантиМеханизмот наречен „заштитна клаузула“ кој Европската комисија го предложи пред година ипол, а кој предвидува можност за привремено укинување на безвизниот режим што Европската унија го има со земјите што не се нејзини членки е целосно заглавен во Советот и во Европскиот парламент и истиот тешко може да биде воведен. МИА од Брисел јавува дека, лидерите на земјите-членки на ЕУ и европарламентарците не можат воопшто да се договорат дали ваков механизам треба да се воведе, и покрај тоа што истиот го побараа шест земји-членки на Унијата. Но, и покрај ваквата безизлезна ситуација во која се најде нивиот предлог, од Комисијата немаат намера истиот да го повлечат, ниту да го модифицираат.

Микеле Черконе, портпарол на еврокомесарката за внатрешни работи Сесилија Малстром, за МИА од Брисе вели:

– Сакам да ги разбијам сите шпекулации дека овој механизам што ЕК го предлага е само со цел во иднина да може да се укине безвизнито режим за земјите од Западен Балкан. Напротив, „заштитната клаузула“ би била за сите земји што имаат добивка од визната либерализација. Инаку, ситуацијата е јасна, а тоа е дека Комисијата даде предлог за воведување на клаузулата и сега се на ред Советот и Европарламентот да се договорат. Засега, ситуацијата е во мртва фаза – вели портпаролот Черконе, додавајќи дека ЕК продолжува да го поддржува својот предлог, оти како што тој вели истиот е „разумен и јасен и следи по барањето на Советот и ЕП“.

Како што е познато, Европската комисија даде предлог да се усвои механизмот „заштитна клаузула“ со кој Комисијата во идина би можела привремено да го укинува безвизниот режим за земјите со кои ЕУ го има воспоставено истиот поради тоа што неколку земји од Западна Европа се пожалија на наплив од баратели на азил од земјите од Западен Балкан, пред се од Македонија, Србија и Босна и Херцеговина. Сепак, откако Германија, Холандија и неколку други земји го сменија системот за барање и давање на статус азилант, со кој нашата и другите земји од нашето соседство го загубија статусот на “ризични земји“, ваквите лица по итна постапка се одбиваат, па затоа последните шест месеци трикратно е намален бројот на баратели на азил.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top