| четврток, 6 декември 2018 |

МТСП : Покрената е инспекциска постапка во случајот до глувото дете во „Бања Банско“

 

Министерството за труд и социјална политика соопшти дека во однос на наводот дека при посета на Заводот за заштита и рехабилитација „Бања Банско“ е затекнато дете кое нема физичка попреченост, туку е глуво и се наоѓа во социјален ризик, врз основа на информацијата на Народниот правобранител веднаш е покрената темелна и сеопфатна постапка за инспекциски надзор од страна на социјалната инспекција. Како што се наведува во соопштението, во моментот детално се испитува постапувањето на вработените кои работеле на овој случај, во меснонадлежниот Центар за социјална работа, и во Заводот за заштита и рехабилитација „Бања Банско”. Инспекцијата сеопфатно ќе го испита и провери постапувањто на сите вклучени вработени и одговорни службени лица во институциите кои постапувале по овој случај, се со цел да се утврдат причините и одговорните лица за ваквиот немил настан.

– Министерството за труд и социјална политика ќе ги превземе сите законски мерки и надлежности со цел да се утврди одговорноста за ваквиот случај при што секое несоодветно, непрофесионално, неетичко и спротивно на закон постапување ќе биде соодветно санкционирано согласно закон, се вели во реакцијата на Министерството.

Реакцијата доаѓа откако Народниот правобранител соопшти дека глувонемо дете кое нема физичка попречености е затекнато врзано со јаже во Заводот за заштита и рехабилитација „Бања Банско“. Со детето не комуницирало никој и не ја добивало соодветната грижа и нега, затоа што вработените не го познавале гласовниот говор. Овие шокантни тврдења се наведени во годинешниот извештај на Националниот превентивен механизам за 2013 година.

-Народниот правобранител од Националниот превентивен механизам беше информиран дека при посетата на Заводот за заштита и рехабилитација ‘Бања Банско‘, затекна дете кое нема физичка попреченост, туку е глуво и се наоѓа во социјален ризик. Заради безбедносни причини детето беше врзано, никој не комуницира со него и не ја добива соодветната грижа и нега, затоа што вработените не го познаваат гласовниот говор. Исто така, затекна друго малолетно лице со ментални пречки во развојот, кое наместо во установа за лица со ментална попреченост е во установа за лица со физички пречки, како и лице кое има психички нарушувања“, се наведува во извештајот.

Народниот правобранител, Иџет Мемети, вели дека во институциите за лица со посебни потреби се сместуваат и лица од различни категории, за кои нема обучен и соодветен персонал, кој може да им даде соодветна нега и грижа во согласност со специфичноста на нивните потреби.

„Центарот за социјални работи носи погрешни решенија, ја промашила институцијата. Наместо детето да биде сместено во Институт за лица со попречен вид и слух, тоа било сместено во овој Институт каде што и било врзано со јаже“, предупреди омбудсманот.

Одделението за заштита на правата на децата и лицата со посебни потреби покрена постапка и се обрати до Министерството за труд и социјална политика со барање за соодветно згрижување на овие лица и третман согласно со нивната попреченост. Во надлежното министерство денеска не добивме одговор на овие обвинувањата.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top