Чешкиот министер за земјоделство Петр Бендл бара најстроги казни за снабдувачите во врска со аферата со недекларирано коњско месо.
– Јас мислам, дека тоа е нелегална храна и таа не треба понатаму да се дистрибуира, ја пренесоа чешките медиуми изјавата на Бендл од Брисел каде со останатите колеги, ресорни министри разговараат за проблематичните ознаки на прехранбените производи.
Бендл е против предлогот на германскиот министер за стопанска соработка и развој Дирк Нибел,кој го подржа предлогот на владејачката Христијанска демократска унија, храната во која имаше коњско место наместо говедско, да биде поделена на сиромашните.
Последните тестови на Чешката ветеринарна инспекција, покажаа дека недекларирано коњско месо имало во ќофтиња наменети за рестораните на шведскиот синџир за мебел „Икеа“ како и во полски говедски хамбургери увезени од компанијата „БидВест“.
Исто така постои сомневање дека од Ирска, неодредена количина на говедско месо кое всушност содржи коњско е внесено во земјата. Според чешкиот министер за земјоделство, треба најстрого да се казнат оние кои ги увезуваат овие производи.
– За да можат сите други да знаат, дека доколку ги измамат потрошувачите ќе ги чека строга казна во Чешка, додава Бендл. Фактот што проблемот се појавил во Шведска, каде „Икеа“ има свое седиште според министерот покажува дека проблемот има пошироки размери и затоа апелираше да се користат домашните, чешки производи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.