| четврток, 6 декември 2018 |

Италија избира, Берзани води

italia-electionsКоалицијата на левиот центар на чело со Пјер Луиџи Берзани води на парламентарните избори во Италија, покажуваат резултатите од првите излезни анкети спроведени по излегувањето на избирачите на гласачките места.

Коалицијата на Берзани, добила 34,5 отсто од гласовите за Долниот дом на Парламентот и 37 отсто за Горниот дом, додека за коалицијата на десниот центар која ја предводи поранешниот премиер Силвио Берлускони гласале 29 проценти од Италијанците за Долниот дом и 31 отсто за Сенатот.

Резултатите од анкетата која ја спроведе агенцијата „Текне“ покажуваат дека политичкото движење кое го предводи комичарот Бепе Грило освоило 19 отсто од гласовите во Долниот дом и 16,5 отсто во Сенатот, додека центристичката коалиција на премиерот во заминување Марио Монти добила доверба на само 9,5 отсто од граѓаните за Долниот дом и девет отсто за Горниот дом на Парламентот.

Анкетите покажуваат и дека коалицијата на Берзани и на Берлискони се во тесна трка во клучниот регион Ломбардија, а дека коалицијата на левиот центар е во водство во регионите на Сицилија и Кампања, додека коалицијата на десниот центар води во регионот Венето.

Изборите во Италија траеа два дена, а избирачките места се затворени денеска во 14 часот по локално време.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top