Просечната оценка на екстерното тестирање на учениците по вкупно 368.115 тестови по сите предмети и во сите одделенија и години на образование е 3.63, што е подобро за 0.38 процентни поени од минатата година, кога просекот беше 3.25.
Резултатите од тестирањето по сите наставни предмети беа објавени вчера во училиштата, а денеска на прес-конференција ги соопшти министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми. Тој е задоволен од подобрувањето на вкупниот просек во однос на екстерното од минатата година.
Најдобри резултати биле постигнати по предметот Етика на религиите (4.42), а најслаби по предметот Технологија на обработка (2.37). Во основното образование, пропорционално на бројот на ученици, највисока просечна оценка имаат учениците од ОУ „Гоце Делчев“ во Општина Центар (4.94), а најслаба во ПОУ „Сандо Масев“ во село Баница, Струмица (1.93).
Од средните училишта со најдобар просек на екстерното се учениците од гимназијата „Орце Николов“ (4.57), а најслаба просечна оценка има кај средношколците во текстилното „Ѓоце Стојчевски“ во Тетово (2.03).
Ова се првични резултати, зашто до 27 јуни е рокот за приговори и можност да се прифатат тие што ќе бидат издржани. Приговорите се поднесуваат до училишните комисии и до денеска напладне пристигнале околу 100.
Екстерното се спроведе од 2-ри до 10 јуни и ги опфати учениците од четврто одделение до трета година средно образование, зашто матурантите поради обврски со државната матура беа тестирани во јануари.
Од 188.905 ученици во 680 основни и средни училишта во Македонија, по два предмета биле тестирани 182.310. Еден предмет полагале 3.495 ученици, а воопшто не биле тестирани 3.100 ученици. За тие кои оправдано отсуствувале во јуни, ќе бидат тестирани во сесијата во август. Оценките од екстерното тестирање ќе бидат впишани во свидетелството на ученикот и ќе влијаат на неговиот просечен успех.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.