Бојкотот на парламентот не е решение за проблемите, вели претседателката на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ), Ан Брасер, која притоа бара враќање на опозицијата во Собранието, јавува дописникот на МИА од Стразбур.
Луксембуржанката Ан Брасер ситуацијата со бојкотот на Парламентот во Македонија ја спореди со таа во Албанија во 2010 година.
– Што се однесува на прашањето поставено за Македонија, ситуацијата беше слична со таа во Албанија во 2010 година. На времето опозицијата по изборите одби да заседава во парламентот. Претседателскиот комитет на ПССЕ ја посети Албанија за да разговара со сите партии, за да се деблокира ситуацијата, по што опозицијата се согласи да се врати во парламентот – вели таа.
ПССЕ, додаде Брасер, се залага дијалогот да се води во демократските институции, како парламентот.
– Само преку демократски пат и демократско однесување можеме да напредуваме. Тоа е советот, кој можам да им го дадам на сите оние кои одбиваат да заседаваат во нивниот парламент. Бојкотот на парламентот не е решение за проблемите – нагласува претседателката на ПССЕ.
ПССЕ донесе одлука да испрати постизборна мисија во Македонија, која има задача да ја пренесе пораката до политичките партии дека Советот на Европа не се согласува со бојкотот на парламентот и да го повика СДСМ да се врати во парламентот. Делегацијата на ПССЕ во Македонија се очекува да допатува на 10 јули.
Во извештајот на ПССЕ за следењето на изборите во Македонија, и покрај забелешките изборите беа оценети како фер, слободни и демократски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.