| четврток, 6 декември 2018 |

Државата со сериозна грижа за жртвите на семејно насилство

- Овој Предлог-закон ги дефинира начелата на кои ќе се заснова почитувањето на достоинството и личниот интегритет на жртвите на семејно насилство, третирајќи го овој проблем како повреда на основните човекови права. Како основни начела се предвидуваат и начелото на итност и одговорност на надлежните институции, интерсекторско постапување и координирање, - рече министерот Спасов.

zrtvi-300x1686

Владата на вчерашната седница го разгледа и усвои Предлог-законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство. Во наредните 30 дена тој ќе биде доставен на јавна расправа, каде ќе може да учествуваат невладините организации, експертите и институциите.

На денешната прес-конференција за овој Предлог-закон информираа министрите за труд и социјална политика и за внатрешни работи Диме Спасов и Гордана Јанкулоска.

Спасов истакна дека кај нас првпат се носи нов, посебен Закон за превенција, спречување и заштита од семејно насилство со кој, како што рече, го следиме примерот на многу европски држави и држави од нашето опкружување во кои со посебен закон е регулирана оваа материја.

– Овој Предлог-закон ги дефинира начелата на кои ќе се заснова почитувањето на достоинството и личниот интегритет на жртвите на семејно насилство, третирајќи го овој проблем како повреда на основните човекови права. Како основни начела се предвидуваат и начелото на итност и одговорност на надлежните институции, интерсекторско постапување и координирање, рече Спасов. Додаде дека ќе се прошири опсегот на заштита и за жртвите на економското искористување.

Во новиот Предлог-закон се определени институциите и нивните надлежности и одговорности за постапување: институциите кои вршат дејност од областа на социјална заштита, детска заштита, внатрешни работи, здравство, вработување и образование, надлежен суд, ЗЕЛС, НВО…

– Утврдена е одговорноста за пријавување на сознание за сторено насилство до полициска станица или Центар за социјална заштита, за секој оној кој има вакво сознание, за граѓаните, но и за службените и одговорни лица до сите правни субјекти. Со цел да се спроведуваат сеопфатни интегрирани политики Владата ќе донесе Национална стратегија за превенција, спречување и заштита од семејно насилство за период од пет години, рече Спасов.

Владата ќе формира Национално координативно тело за семејно насилство со мандат од пет години во кое ќе бидат опфатени претставници од сите надлежни институции и претставници од здруженијата кои се регистрирани за работа со семејно насилство, а со кое ќе раководи министерот за социјална политика.

Министерот Спасов образложувајќи ја новата законска регулатива, потенцира дека особено внимание се посветува на превенцијата, на локално и национално ниво. Се предвидува спроведување кампањи или програми за подигање на свеста, разбирањето, препознавањето и последиците од семејното насилство. Се прецизираат надлежностите на здравствените работници, ќе се изготвува безбедносен план за помош на жртвата.

– Во случај кога детето е жртва на насилство во семејството, Центарот за социјална работа, по службена должност презема мерки на заштита од семејно насилство, како и мерки на надзор над вршењето на родителското право, рече Спасов.

Според Јанкулоска, Предлог-законот ќе овозможи поенергично и поефикасно сузбивање на оваа појава.

Од 2011, заклучно со првото тримесечие од годинава регистрирани се 2.073 кривични дела со елементи на семејно насилство и 1.684 прекршоци од оваа област. Полицијата постапила по речиси 13.000 поднесени поплаки за семејно насилство.

– Овие бројки пред се се должат на фактот што како институции успеавме да ги разобличиме старите клишеа и молкот што владееше околу оваа тема. Успеавме да им влееме сигурност на жртвите, но и на оние кои се потенцијално загрозени да проговорат, да пријават, да се потпрат на институциите како своја заштита, потенцира Јанкулоска.

Анализата на сите евидентирани случаи на семејно насилство, како што рече, покажува дека оштетените во речиси 80 отсто од случаите се жртви на кривични дела против животот и телото, во над 70 отсто од случаите тие се здобиле со телесни повреди. Во посочениот период евидентирани се пет убиства, 16 обиди за убиства, 70-ина тешки телесни повреди, но и кривични дела како присилба, силување, полов напад врз малолетно лице… Деведесет отсто од жртвите според половата и старосна структура се жени, стари лица и деца.

– Токму заради сето ова ценам дека новиот закон е неопходна потреба со којшто уште повеќе ќе се ефектуираат активностите за сузбивање на семејното насилство. Предлог-законот колку што претставува нова поквалитетна правна рамка, во иста мера дополнително ќе ја динамизира и меѓуресорската координација и соработка, но и превенцијата на семејното насилство, истакна Јанкулоска. Додаде дека полицијата ќе продолжи да биде важен фактор во спротивставувањето на оваа појава.

Претседателката на Здружението на граѓани „Кризен центар – Надеж“ Верка Угриновска соопшти дека 15 години го третираат семејното насилство и додаде оти го поддржуваат овој Предлог-закон

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top