| четврток, 6 декември 2018 |

Филе: Албанија доби кандидатски статус

албаниија знаме

Албанија и официјално стана земја-кандидат за членство во Европската унија, јави дописникот на МИА од Брисел. Комесарот за проширување на Европската унија, Штефан Филе, пред малку на својот профил на социјалната мрежа „Твитер“ му честиташе на нашиот западен сосед за добиениот кандидатски статус, посочувајќи дека тоа се должи на „реформските напори“.

– Албанија: честитки за кандидатскио статус, кој денеска го договорија министрите за надворешни работи на земјите на ЕУ. Ова е признание за реформските напори и охрабрување за повеќе – напиша Филе на „Твитер“.

Како што прва објави МИА во текот на вчерашнио ден, Велика Британија, Германија, Франција и Чешка беа последните од 28-те земји-членки на Унијата што се противеа Албанија да стане кандидат за членство во ЕУ.

Но, по акцијата на албанската полиција за искоренување на наркоцентрите во земјата, како и спроведените напори на Владата на Еди Рама за приближување на албанското кон европското законодавство и спроведување на силна антиимиграциска политика, било доволно да се убедат овие земји да не ставаат вето Албанија да добие кандидатски статус. Па, така, денеска, на Советот за општи работи на ЕУ (ГАК) во Луксембург, шефовите на дипломатиите ја прифатија препораката на Филе и ѝ доделија статус земја-кандидат на Албанија.

Сепак, за оваа земја да ги почне официјалните преговори за членство, потребно е прво да добие таква препорака од Европската комисија во рамки на извештајот за прогрес, кој ќе се објави во октомври, а потоа и Европскиот совет на Самитот во декември да даде дозвола. Во случајот со Република Македонија, земјата веќе деветта година е кандидат за членство и има добиено пет позитивни препораки од Европската комисија за почеток на пристапните преговори, но поради грчкото вето на Самитот на Советот, а поради наметнатиот спор за името на земјата, официјалните преговори уште не се почнати. 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top