Во „Мала станица“ вечерва беше отворена изложба на сценографии на академскиот сликар Живојин Трајановиќ. Изложбата е по повод 40 години од неговото професионално творештво, а е во рамките на „Скопско лето“. Во каталогот за изложбата Трајановиќ вели: „Изложбата претставува една ретроспектива на моето сценографско творештво во изминативе 40 години. Замислена е да го претстави опусот на мојата работа, презентирајќи идејни решенија на многубројни претстави кои се претставени во вид на скици.
Изложбата концепциски е поделена на драмски, балетски а најголем акцент е даден на оперскиот дел, бидејќи речиси целиот работен век го поминав работејќи како сценограф во Македонската опера и балет.
Покрај овие скици, претставени се и реализации на музички ТВ-емисии, концерти, како и повеќегодишни сценографски решенија за Струшки вечери на поезијата. Скиците се работени во различни техники, молив, темпера и компјутерска обработка. Во одредени скици се користени и мотиви од одредени епохи, се во функција на реализација на одредена тема и содржина, со цел на гледачот да му се доближи периодот во кој тој настан се случувал. Благодарејќи на неколку автори посветени на својата работа, сценографијата се здоби со статус на равноправна дисциплина со другите компоненти кои учествуваат во реализација на една претстава.
Имајќи го предвид кажаното, се налага потреба сценографијата и костимографијата да бидат посебни гранки на ликовната уметност и нивната примена во театарот да се вреднува и третира како и другите вредности во една театарска претстава“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.