| четврток, 6 декември 2018 |

Завршува снимањето на „Два и пол мажи“ поради намалена гледаност

Претстојната, дванаесетта сезона на телевизиската серија „Два и пол мажи“ воедно ќе биде и последна, соопшти американската телевизиска мрежа „Си-Би-Ес“.

Авторите на оваа популарна серија се Чак Лори и Ли Аронсон, а во првите осум сезони во неа глумеа Чарли Шин, Џон Крајер и Ангус Т. Џоунс.

Шин во меѓувреме се скара со Чак Лори и ја напушти серијата, а Џоунс повеќе не глуми во неа затоа што ја нарече серијата „ѓубре“. Сега, во серијата покрај Крајер во главните улоги играат Ештон Качер и Ембер Темблин.
– Чак Лори смисли голем настан што ќе се одвива во текот на цела сезона. Неодамна имавме голем успех со завршувањето на серијата „Како ја запознав мајка ти“ на сличен начин. Чак е многу возбуден околу ова, има некои одлични идеи и ветуваме големи изненадувања – соопшти претставничката на „Си-Би-Ес“, Нина Таслер.
Телевизијата ги негираше гласините дека Чарли Шин би можел да се појави во последната епизода како изненадување.
Со заминувањето на Шин, гледаноста на серијата е во постојан пад. И токму тоа е причината за гасење на серијата, пишува „Холивуд рипортер“. Освен тоа, снимањето на серијата не било воопшто евтино, а доволно е да се спомене дека Качер од епизода заработува по 700.000 долари, а Џон Крајер по 620.000 долари.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top