| четврток, 6 декември 2018 |

Оливер Шварц: Од Парламент без опозиција губат сите

Понудите за разговор кои беа упатени од власта до опозицијата во Македонија, убеден сум дека ќе придонесат опозицијата многу скоро да се врати во Собранието. Треба да има опозициска, а не опструкциска политика. Затоа и е јасно дека кога опозицијата е надвор од парламентот, тоа е губитна ситуација за сите политички партии, кои се дел од законодавниот дом. Мислам дека опозициските лидери ова веќе го сфаќаат и за кус период ќе има јасни сигнали за нивно враќање во Собранието, изјави за Дојче веле д-р Оливер Шварц, познавач на Македонија и Западен Балкан, на катедрата за европска политика на Универзитетот Дуизбург – Есен.

svarc

– Ваква ситуација не може да има долг век, што значи дека во вакви услови не ќе може да опстои ниту самата влада. Тоа би бил сигнал и за народот кој и ја дал довербата, но и за дадениот мандат на опозицијата. Значи и опозицијата има одговорност да го преземе овој мандат, а со тоа треба одговорно и да се однесува во различните политички институции. Она на што бевме сведоци беа сигналите од владата до опозицијата, кои сигурно беа резултат на задкулисно водени неформални разговори. Сметам дека она што на Македонија сега и е потребно не е неформалниот политички дијалог меѓу опозицијата и Владата, туку отворениот политички разговор во формалниот форум – Парламентот. Тоа едновремено ќе биде сигнал и до Европската унија и до НАТО, но и до граѓаните – коментира Оливер Шварц.

Шварц истакнува дека е значајно состојбата во Македонија да се консолидира, зашто моментов се наѕира можноста на ниво на ЕУ политиката на проширувањето и на соседството да добијат нова динамика.

– Факт е дека со конфликтот во Украина, проширувањето повотрно се враќа на агендата на Европската унија. Со сигурност, за неколку дена Албанија ќе го добие кандидатскиот статус, а по конституирањето на Комисијата, проширувањето без сомнение ќе се најде високо на работната агенда на бриселската европска администрација. Ова е исклучително важно за Македонија, зашто толку долго чека и секому е јасно дека мора да дојде до некакво решение – објаснува Шварц кој верува дека за половина година сликата околу напредокот ќе биде појасна.

Сепак, тој не верува дека во овој кус период нешто спектакуларно ќе се случи.

– Тоа е прекраток рок. Битно е меѓутоа уште од сега да има сигнали, како од страна на Комисијата, така и од важните држави во ЕУ (како Велика Британија, Германија) дека проширувањето е приоритет на Унијата и дека тие не ја заборавиле Македонија – вели Шварц.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top