Кирил Џајковски го претставува новото ЕП, дел од новата фаза на македонскиот музички гениј, кое од денес е достапно за музичката јавност. „Hell Of A Road“ е прво во серијата изданија што ќе биде заокружена со долго очекуваниот нов албум. Како што може да се претпостави, оригиналот на песната е добро избалансирана мешавина на традиција и современост, енергија и опуштеност, софистицираност и уличен стил. „Hell Of A Road“ ја поседува магијата на концертните настапи на Џајковски, но звукот на бендот во живо е претставен во поцврста, „стегната“ варијанта, совршена за слушање во поинтимна клупска атмосфера. Вокалот на TK Wonder е само јаготка на шлагот која го заокружува хит потенцијалот на песната, притоа не одземајќи ништо од нејзината автентичност.
Новото ЕП, Џајковски го објавува под етикетата на „Филтер“ и се состои од вкупно пет ремикси. Ремиксите ја претставуваат песната во сосема поинакво светло и му ја даваат неопходната разновидност на изданието. Првиот човек на Филтер, Tripnotic, од Hell Of A Road направил клупски електро брејкс хит зачинет со (од него очекуваните) глич интервенции. Брејкбит ветераните Ways & Means ги надминаа нашите очекувања и ја однесоа песната во тотално техноиден андерграунд правец, не оставајќи од оригиналот ништо освен вокалот. И конечно, едни од најпопуларните британски брејкбит продуценти во моментов, Leuce Rhythms (номинирани во дури 7 категории на претстојните Breakspoll награди), го заокружуваат изданието со хипнотична верзија на песната која се развива постепено и кулминира во врвен комерцијален клупски хит.
Hell Of A Road од Djaikovski feat. TK Wonder излегува денес (25 февруари), а ќе се дистрибуира преку сите водечки онлајн музички продавници и стриминг сервиси.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.