| четврток, 6 декември 2018 |

До април поднесени само 68 барања за ин витро за второ дете

invitro

Искористувањето на здравствената услуга за биомедицинско потпомогнато оплодување за второ дете на товар на Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ) годинава е на ниско ниво, односно од јануари до крајот на април се поднесени 68 барања, а Фондот предвиде средства за околу 1.000 осигуреници.

Ова денеска на прес-конференција го истакна директорот на ФЗОМ, Џемали Мехази, кој рече дека една од причините е тоа што за да се подготви документацијата за правото на ин витро за второ дете кое стартуваше од 1 јануари, се потребни еден до два месеца.

Тој упати апел до матичните гинеколози да ги информираат осигурениците за потребната документација за остварување на правото за БПО со цел да се намали бројот на случаи кои се вратени поради недоставена комплетна документација.

– За да им помогнеме на матичните гинеколози во овој процес, ФЗОМ ќе почне со одржување едукативни работилници за матичните гинеколози за тоа како и каде треба да го упатат својот пациент кој сака да го оствари правото на БПО на товар на ФЗОМ во согласност со Правилникот за БПО – рече Мехази.

Посочи дека во 2014 година за услугата за биомедицинско потпомогнато оплодување за прво и второ дете буџетот на Фондот изнесува 160 милиони денари, а во 2013 година тој буџет за БПО за прво дете изнесуваше 63 милиони денари.

– Во 2013 година биле поднесени 1.718 барања за БПО за прво дете од кои позитивно се решени 1.039 (60 отсто), за 656 барања (38 отсто) во тек е постапка и се побарани дополнителни информации. Шест од поднесените барања се негативни, а 17 се во второстепена постапка – рече Мехази.

Тој нагласи дека за прво ин витро оплодување од јануари до крајот на април годинава се поднесени 603 барања од кои позитивно се решени 338 (56 отсто), за 265 (44 отсто) во тек е постапка.

– За ин витро оплодување за второ дете од јануари до април годинава се поднесени 68 барања од кои 56 се позитивно решени, а за 12 во тек е постапка. Во првите четири месеци од 2014 година за Ин Витро оплодување за прво и второ дете поднесени се вкупно 671 барања од кои позитивно се решени 394 (59 отсто), а во постапка се 277, истакна Мехази.

Меѓу причините за добивање негативно известување од Комисијата за биомедицинско потпомогнато оплодување, како што рече, од административен аспект е искористеноста на правото на БПО на товар на Фондот до три обиди, а од медицински аспект е неисполнување на медицинските индикации согласно Правилникот на БПО.

– Најчесто барана дополнителна медицинска документација се: AIH инсеминации со растојание од два месечни циклуси меѓу инсеминациите, 3D/4D ехо со писмен извештај од гинеколог, антимилериан хормон, спермограм не постар од шест месеци…, микробиолошки и вирусни маркери – додаде Мехази.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top