Зоран Јолевски беше најголемото изненадување во составот на новата македонска Влада. Но не поради неговата беспрекорна биографија, едноставно, причината за изненаденоста беше фактот што никој во јавноста не го очекуваше на оваа функција. Реалноста е дека Македонија со неговиот избор доби добар познавач на најмоќната земја во НАТО, дипломат што истера речиси два мандата во Вашингтон, а од друга страна и човек што е детално и одлично запознаен со единствениот проблем поради кој државата не е членка на алијансата. Кога не би бил спорот наметнат од Грција, Македонија веќе шест години ќе беше полноправна членка на НАТО, но Букурешт, како и многу работи во животот и во историјата, немаше фер резултат за државата.
Тоа што бараат влакно во јајцето, а кај нас, за жал, тоа е главно занимање и професија на многумина, веќе забележија на фактот што се менувал преговарачот во спорот со Грција и тоа во ваков „битен“ момент за државата, небаре некогаш постоел и небитен. За да ги поткрепат своите неосновани жалби и поплаки, од неинформираност или, поверојатно, од други побуди, лиферуваа и информации дека Грција била константна, а Адамантиос Василакис бил грчки преговарач од самиот почеток?! А тој на таа функција е од 2007 година.
Другите, попрагматичните и подобро потковани познавачи на состојбите, пак, лежерно ќе одмавнат со раката и ќе коментираат дека позицијата и така не значи никаков „преговарач“, израз наметнат од медиумите, туку офицер за врски во разговорите за разликите околу името што се водат со Грција, лице што, едноставно, само ги пренесува информациите до државниот врв. Третите, пак, аналитички ќе појаснат дека неговата позиција, освен што е доверлива до бескрај, не е најважната на светот, но во овој случај со Јолевски претставува одлична предиспозиција за шеф на владин ресор, кој е клучен во интеграцијата во НАТО, заглавена токму од проблемот со Грција.
Гледано преку призмата на неговата работа во изминатите седум години, на Македонија ѝ оди во прилог раководењето на армијата од страна на човек што толку време работеше како амбасадор во Вашингтон, а притоа се додава и шестгодишното искуство во преговорите со името. Според неговата биографија, државата добива дипломат со 26-годишно, богато искуство или, споредено со претходниците, првпат личност со ваква кариера и биографија станува министер за одбрана. Без потценување, но само за споредба – негов претходник на позицијата министер за одбрана беше Талат Џафери, чиешто последно работно место пред да влезе во политиката беше офицер во АРМ, ангажманот во ОНА не се смета…
Освен кариерата во МНР, Јолевски е познат и како генерален секретар на претседателот Борис Трајковски, позиција што ја извршуваше речиси пет години. Според информациите од упатените во тогашниот кабинет на Трајковски, Зоран Јолевски требало да биде во авионот што се урна во близина на Мостар на 26 февруари, 2004 година. Сепак, ноќта пред летот, лично Борис Трајковски побарал од Јолевски да остане во Скопје и да работи на пристапот на Македонија во НАТО и во ЕУ.
Јолевски, Наумовски или Андоновски?
Македонија ќе го доби четврт преговарач за името или, сепак, ќе остане на третиот. Опциите се отворени, но стручњаците велат дека не би било проблем доколку Зоран Јолевски остане и преговарач за името и министер за одбрана. Фактот што досега такво нешто не се случило, не значи дека и не може, ниту дека е спротивно на правилата на игра. Реалност е дека во извршувањето на двете функции не постои конфликт на интереси, туку, напротив, и двете се силно поврзани со чување на тајноста на информациите што ги знаете. Искуството, сепак, вели дека ќе има промена на преговарачката позиција. Во игра, освен Јолевски, се и новиот амбасадор во САД и ексвицепремиер за евроинтеграции Васко Наумовски, а се споменува и името на Василие Андоновски, амбасадорот на РМ во ООН. Наумовски е сместен во амбасадата на РМ во Вашингтон, додека седиштето на Андоновски е на неколку улици од канцеларијата на посредникот Метју Нимиц, кој е на позната Петта авенија во Њујорк. Еден од нив, најверојатно, ќе ја преземе и позицијата на Јолески.
Никовски – Тие не преговараат, само пренесуваат пораки
Познавачите на состојбите имаат позитивни оценки за назначувањето на Јолески за министер за одбрана. Поранешниот амбасадор и генерален секретар во МНР, Ристо Никовски, препорачува дипломатска офанзива за името, но и вклучување врвни странски стручњаци во, како што вели – борбата за опстанок. Тој не ја исклучува можноста Јолески и како министер да остане на старата позиција, но остава простор и за Наумовски.
Никовски: Во принцип, Јолески може да ја задржи и функцијата – офицер за врска со посредникот Нимиц. Ниту тој, ниту другите пред него на истата функција не беа „преговарачи“, како што кај нас сосема погрешно ги претставуваме. Тие не преговараат, туку само ги пренесуваат пораките од кај нас кај Нимиц, и обратно. Тука завршува нивната функција. Со оглед на тоа дека иницијативите на Нимиц не се чести, сѐ може да се врши и од Скопје. Тоа во никој случај не значи дека не може или не треба да се номинира нов офицер за врска, кој и да биде тоа, вклучувајќи го и новиот амбасадор во САД. Враќањето на Јолески и учеството на Иванов на инаугурацијата на Порошенко не би требало да се земат како маркери на некаква промена на нашата надворешна политика. Добро е што Иванов беше во Киев, а Јолески „истера“ речиси два мандата во Вашингтон.
Имајќи ги предвид спецификите на оваа позиција, кои се карактеристиките кои, според Вас, треба да ги има идниот македонски „преговарач“ за името, т.е. кога би правеле, како би изгледал фотороботот на човекот што треба да ја врши оваа функција?
Никовски: Новиот офицер за врска, пред сѐ, треба да биде искусен дипломат. Исто како што прави и Атина. Во прашање е врвна дипломатија. Сепак, во никој случај клучот не е кај нашиот претставник во посредувањето. Тој е во Скопје. Тука треба да се прави стратегијата – што понатаму? Кога ќе се постигне тоа, улогата на новиот претставник во голема мера ќе биде апсолвирана. И тоа не е сѐ. Крајно време е земјата да ангажира врвни светски стручњаци, кои треба да ни помогнат во војната за опстанок. Изразот воопшто не е тежок, туку е точен. За Македонија и за Македонците се работи за – да се биде или не. Ако успеат да нѐ преименуваат, макар и за надвор, како што некои милуваат да прифатат, завршено е со државата и со народот. За да се спречи тоа, неопходна ни е помош од надвор. Хаг беше добар пример: извојувавме брилијантна победа благодарение токму на странските стручњаци. Ова не е никакво потценување на нашите правници, дипломати… Туку само реално согледување на работите.
Како ја оценувате последната промена и ротација, со која Јолевски ја доби функцијата министер за одбрана во новата Влада на РМ?
Никовски: Во целина, новата влада означува континуитет. Главните носители на функциите си остануваат. Промената на министерот за одбрана, која претходно дојде од познати, иако неприфатливи причини, и поставувањето на Јолевски, исто така, може да се смета за позитивен чекор. Во овој сектор има многу дипломатија бидејќи сакаме да влеземе во НАТО, а досегашниот амбасадор во Вашингтон има долго и соодветно искуство. Годините што ги помина во САД, главниот и клучен фактор на алијансата, сигурно ќе му бидат од корист во вршењето на новата функција. Од друга страна, неговото именување ќе гарантира дека во алијансата ќе се промовираат македонските интереси, а не нејзините кај нас. Наше е да му посакаме успех на Јолевски на новата функција и да се надеваме дека на самитот во Велс, во рамки на настаните во Украина, е можно чудо, иако изгледите се мерат во милимикрони.
На прашањето за очекувањата за иднината на процесот во преговорите, имајќи ја предвид актуелната глобална политичка констелација, Никовски препорачува македонска дипломатска офанзива на ова поле.
Никовски: Објективно, проблемот со името е дотеран во ќор-сокак и Западот (читај: САД), смета дека сме подготвени за капитулација. Тоа е сериозна погрешка. Меѓутоа, сега ние сме на потег. По Букурешт во 2008 година, кога бевме блокирани, уценети и ставени пред ултиматум – прво името, а потоа членство, нашата позиција објективно слабее. Затоа, ако не тргнеме во офанзива, лошо ни се пишува. Позицијата и натаму ќе ни слабее бидејќи имаме поткопувања и однатре (што е ако не е тоа барањето за консензуален претседател и неговиот бојкот?) Само ние можеме да се погрижиме да се надмине сегашната ситуација, која е неповолна за нас. Никој друг. Со еден збор – ние сме на потег.
Кој во минатото ја одредуваше судбината на преговарачите?
Досегашната судбина на преговарачите најчесто ја одредуваше една позната личност од македонската политичка сцена. Некогашниот лидер на партија, за кој многумина тврдат дека и натаму е вистински лидер во сенка, а во еден мандат и претседател на државата, беше лично одговорен за смената на двајца од тројцата преговарачи што досега ги имаше Македонија. Првиот преговарач, Иван Тошевски – Вања (1929-2008), кој оваа функција ја вршеше цели 10 години, својата кариера ја заврши во 2003 година, откако, во чекор непоимлив за денешни услови, си даде неотповиклива оставка од позицијата на преговарач. Тоа беше времето на Бранко Црвенковски како премиер и на Борис Трајковски како претседател. Тошевски си замина со образложение испратено директно до челниците на државата, кое, едноставно, гласеше: „Оставката ја поднесувам затоа што сакам да се тргнам од бркотницата што ја направивте во изминативе неколку месеци, која му прави штета на угледот на Македонија“. Сепак, ниту државата, ниту тогашните новинарски првенци не беа многу загрижени од ваквиот чекор на Тошевски. Едноставно, тогашните демократи го оквалификуваа како сенилен патриот.
Ни неговиот наследник, Никола Димитров, немаше „среќа“ со истиот лидер, кој во 2007 година, сега од позиција на претседател на државата, во согласност со ингеренциите, лично побара негова смена. Неговиот одговор според многу работи личеше на кажаното од претходникот Тошевски. „Не можам, а да не изразам несогласување со понуденото објаснување дека во името на единството се отповикува тој што постојано работеше и јавно апелираше за единствена и натпартиска национална платформа за прашањето на името“ реагираше Димитров на небулозното објаснување од тогашниот шеф на државата дека го разрешил поради единство. Црвенковски лично го потпиша указот за отповикување на Димитров од функцијата, а Владата, предводена од Груевски, го обвини „државникот“ за недржавничко однесување и почна потрага по нов преговарач. Тогаш, стручњаците го оценија потегот на претседателот како негово напуштање на преговарачкиот процес и префрлање на одговорноста на Владата. За жал, и по седум години работите не се многу сменети и историјата се повторува. Сега истата матрица на неприкосновениот лидер од Бихаќка се користи за префрлање на одговорноста врз Владата за можното губење на препораката за преговори. Разликата е само во тоа што сега вината за неможноста за легално враќање на власт се префрли врз противникот, а средството за освојување на власта се вика бојкот, средство што порано беше непоимливо за социјалдемократите, а сега се употребува четири пати во една година. Разликата е и што по ново префрлањето на одговорноста, каква и да е, не ја прави Црвенковски,туку двајцата чувари на столчето. Не бадијала се и двајца, пресметале дека еден може и да не го сочува.
Зоран Јолевски е првиот преговарач, воедно и амбасадор, кој својата кариера ја продолжил на повисоко ниво по сработеното на претходната функција.
За долготрајноста на самиот процес, пак, зборува и фактот што освен промените на преговарачите кај двете вклучени страни – Македонија и Грција и посредникот од ООН, двајца од нив веќе не се меѓу живите. Иван Тошевски почина во 2008 година, а посредникот Сајрус Венс во веќе далечната 2002 година.
(Пишува: Љупчо Цветановски
(Текст објавен во 93. број на неделникот „Република“, 13.06.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.