| четврток, 6 декември 2018 |

Десетмина загинати во поплави во Бугаријa

Најмалку 10 лица загинаа во поплавите што го зафатија црноморскиот град Варна, предизвикани од поројните дождови што деновове паѓаат во повеќе делови на Бугарија, јави БТА.

– До овој момент бројот на жртвите е десет. Последната жртва беше откриена во поплавен автомобил, кој бил одвлечен од надојдената вода во одводниот канал што води кон морето – изјави претпладнево бугарскиот министер за одбрана Ангел најденов, кој допатува во Варна.

Најденов нагласи дека состојбата во поплавените реони на градот е „кошмарна“ и дека е предизвикана голема штета.

Претходно и раководителот на регионалната полициска управа во Варна, Николај Калчев соопшти дека полицијата досега пронашла тела на 10 удавени лица. Тој нагласи дека не може да го прецизира бројот на исчезнати нагласувајќи дека поголемиот дел од Варна е под вода.

Бугарската министерка за здравство Тања Андреева инфромираше дека во двете главни болници во Варна досега се хоспитализрани девет лица, кои се здобиле со полесни повреди при налетот на водата.

Бугарските телевизии емитуваа снимки од Варна на кои се гледаат поплавни улици, при што нивото на водата на одредени места достигнува и до еден метар. Во градот се испратени спасувачи екипи, кои им укажуваат помош на настраданите.

Во укажувањето помош на настрадените се вклучени околу 150 лица, меѓу кои и припадници на бугарската Воена морнарица.

Во Врана веќе почна примена и на антиепидемиолошки мерки, со цел да се спречи евентуална појава и ширење на инфекции и заразни болести.

Главниот здрвствен инспектор на Бугарија, Ангел Кунчев изјави дека во поплавените делови на Варна е исклуен дотекот на вода преку водоводната мрежа, поради опасноста од нејзино загадување.

Тој апалираше и да бидат уништени сите трупови на угинати животни, бидејќи тие претставуваат главна опасност за ширење на зарази.

БТА јави дека поплави има и во регионот на Добрич, каде под вода се повеќе станбени објектите.

Министерот Најденов нагласи дека има информации за жртви и во Добрич, додавајќи дека од Варна ќе отпатува во тој град со цел на самото место да се запознае со состојбата.

Делови на Бугарија последниве денови се зафатени од поројни дождови и град, кои предизвикаа и повеќе дефекти во електропреносниот систем, поради што илјадници лица остнаа без електрична енергија.

Фото: ЕПА

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top