| четврток, 6 декември 2018 |

Деветгодишно момче повредено во сообраќајка кај Сарај

soobrak

фото: Архива

Деветгодишно дете се здоби со тешки телесни повреди откако вчера околу пладне на ул. „1“ во село Сарај во него удри автомобил „ситроен“,  управуван од жител на село Глумово. Со возило на итната помош повреденото дете било веднаш пренесено во ГОБ „8 Септември“ каде што се констатирани тешки телесни повреди.

Сообраќајната незгода во Сарај е една од 10-те регистрирани на подрачјето на Скопје во изминатите 24 часа, од кои три се со последица материјална штета и шест со последица телесна повреда во кои со полесни повреди се здобиле тројца возачи на патничко моторно возило, четири сопатници и еден пешак.

Во текот на вчерашниот ден сообраќајната полиција откри и санкционираше поголем број прекршоци. Преземени се 146 репресивни мерки за прекршоци по различни основи од кои 43 за брзо возење, односно не го почитувале ограничувањето на брзината на движење на возилата од кои 17 возачи се движеле со брзина поголема од 90 километри на час во населено место. Санкционирани се и седум возачи кои ги управувале возилата под влијание на алкохол, осум возачи кои го користеле мобилниот телефон при возење, осум кои возеле со изминат рок на важност на сообраќајната дозвола, како и возачи кои не ги почитувале светлосните сообраќајни знаци на семафорите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top